Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и генералниот секретар на Националниот младински совет на Македонија, Мариана Ангелова, потпишаа Меморандум за соработка насочен кон поголема поддршка и учество на младите во локалните заедници.
Ѓорѓиевски нагласи дека секој млад човек со идеја и желба за придонес заслужува институции што ќе го слушнат:
– Секој млад човек со идеја, знаење и желба да придонесе заслужува институции што ќе го слушнат и ќе го поддржат. Наша одговорност е да создадеме услови во кои младите ќе можат да го остварат својот потенцијал и со увереност да ја градат својата иднина тука, дома!
Тој истакна дека преку Мрежата на општински службеници за млади се зајакнува врската со институциите, додека во Скопје веќе се преземени чекори како формирање младински хаб, Локален младински совет и простории за настани во МКЦ. Како прв човек на ЗЕЛС, тој најави целосна поддршка и споделување искуства за конкретни резултати и враќање на младите во земјата.


