Општина Аеродром им овозможува на младите на возраст од 15 до 30 години бесплатно да ги унапредат своите знаења по англиски јазик, да ги развијат комуникациските вештини и да стекнат сертификат за постигнато ниво Б2 согласно со CEFR.
Обуката ќе ја спроведе Здружението за едукација, превод и сертификација „Јазична академија“ – Скопје, кое ќе реализира интензивен курс за најмногу 50 учесници. Програмата ќе биде организирана во соодветни групи, согласно со почетното ниво на јазично знаење на учесниците. Обуката е практично ориентирана, со современи наставни методи и интерактивна настава, со посебен фокус на комуникацијата и практичната употреба на англискиот јазик во секојдневниот, образовниот и професионалниот живот.
При селекцијата на учесниците, приоритет ќе имаат лицата од социјално и економски ранливи категории, како и младите, кои поради материјални, социјални или други околности, имаат ограничен пристап до дополнително образование од ваков тип.
Учесниците ќе имаат можност:
- да го унапредат своето знаење и комуникациските вештини;
- да го збогатат вокабуларот и да ја подобрат граматичката точност;
- да ја подобрат говорната и писмената комуникација;
- да стекнат поголема самодоверба при користење на англискиот јазик;
- да добијат сертификат за постигнатото ниво Б2 согласно со CEFR по успешното завршување на програмата.
Бројот на места е ограничен на 50 учесници, а почетокот на програмата е предвиден за 1 ноември 2026 година. Рокот за пријавување трае до 15 октомври 2026 година. Пријавувањето се врши на uciangliski@gmail.com, со наслов на пораката „Пријава – Бесплатна обука по англиски јазик“, со наведување на име и презиме, возраст, телефон за контакт и место на живеење.


