Премиерот Христијан Мицкоски се обрати пред новата генерација студенти – бруцоши на Универзитетот „Гоце Делчев“, порачувајќи им дека вистинскиот живот се состои во борбата за сопственото семејство и татковината, а своето обраќање го започна како колега и професор, споделувајќи ги сопствените животни искуства од студиите и меѓународното усовршување во Италија, Германија и Австрија.

Истакнувајќи ги предизвиците на новото време и влијанието на социјалните мрежи, Мицкоски нагласи дека туѓите искуства прикажани онлајн не ја рефлектираат реалноста:

– Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот – тоа не е точно. Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија.

Тој порача дека младите можат да патуваат и да го запознаваат светот, но финалниот избор секогаш треба да биде враќањето дома:

– Тоа никој пат немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот – Македонија.

Во вториот дел од обраќањето, премиерот упати порака до професорите и наставниот кадар да ја ценат одговорноста што ја имаат во пренесувањето знаења и обликувањето на новите генерации, по што им посака успешни студии и среќен почеток на сите бруцоши.

Exit mobile version