Кривична пријава за тешка телесна повреда е поднесена против 31-годишниот охриѓанец осомничен дека брутално ја нападнал својата 26-годишна девојка, која по нападот беше оставена без свест. СВР Охрид го товари за кривично дело „тешка телесна повреда“.
Според информациите од полицијата, нападот се случил на 15 ноември околу 2 часот по полноќ. Расправијата започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил, каде физички ја нападнал девојката.
Насилството продолжило и откако го запрел возилото. Девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
Осомничениот бил приведен истиот ден во 5:05 часот и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост.
Случајот доби и дополнителен развој откако мајката на осомничениот пријавила дека таткото на девојката телефонски му се заканувал на нејзиниот син и на целото семејство.
Таткото на девојката, 49-годишен охриѓанец, бил приведен истиот ден во 13:20 часот и задржан во полициска станица. Полицијата најавува дека и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Против 31-годишникот е поднесена кривична пријава, а случајот продолжува да се расчистува.

