Со отворање на главната расправа денеска во Основниот суд во Охрид започнува судскиот процес против 31-годишниот охриѓанец Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид, кој се случи на 15 ноември.
Судскиот предмет ќе го води судијката Александра Поп Стефанија. Од Основниот суд во Охрид информираат дека ќе обезбедат транспарентност на постапката, во рамки на законски предвидените можности.
Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Претходно, судот му одреди притвор во траење до 30 дена.
Според информациите од Обвинителството, обвинетиот при вршење семејно насилство противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на девојката.
Во текот на истрагата, оштетената била испитана во присуство на претставници на надлежните социјални служби, а било наредено и спроведено вештачење за видот и карактерот на повредите.
Заедно со обвинението, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на притворот, имајќи ги предвид околностите утврдени во предметот.
Судската постапка треба да ги утврди сите околности поврзани со случајот и евентуалната кривична одговорност на обвинетиот.

