Портпаролката на Владата и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, гостуваше во емисијата „Меѓу редови“ на телевизија Алфа, каде се осврна на иницијативата на пратеничката група на СДС за свикување итна собраниска седница посветена на заштитата на жените и одговорноста на институциите.
Митева истакна дека ја поддржува одржувањето јавна расправа во Собранието за оваа тема, но изрази несогласување со барањето дебатата да ги опфати исклучиво последните две години. Според неа, ваквото ограничување отвора простор за политичка конфронтација.
„Не гледам ништо спорно во тоа да се одржи јавна расправа во рамки на Собранието за оваа тема. Видов дека и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека се согласува тоа да се дебатира. Е сега, каде е тука политичката хипокризија?“, изјави Митева.
Таа посочи дека во изминатите две години се одржале бројни јавни расправи во Собранието, додавајќи дека тоа е дел од ветувањата на актуелната власт кон граѓаните.
Митева најави дека собраниската дебата ќе биде можност да се отворат и прашања за постапувањето на претходната власт во однос на семејното насилство, како и за измените на Кривичниот законик.
„Апсолутно поздравувам да има дебата во рамки на Собранието, но во таа дебата јас сум сигурна дека особено пратеничките од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги потсетат нивните колеги од СДС колку јавни расправи по однос на оваа тема свикале во рамките на нивното владеење“, истакна Митева.
Таа додаде дека ќе бидат отворени и прашањата за законските измени поврзани со семејното насилство и начинот на постапување на институциите кон жртвите.
Изјавите Митева ги даде во гостувањето во емисијата „Меѓу редови“ на телевизија Алфа.

