Велика Британија презема итни чекори за зајакнување на одбраната на Кипар. Премиерот Кир Стармер потврди дека разорувачот „ХМС Драгон“ (HMS Dragon) и специјализирани хеликоптери со капацитети против дронови ќе бидат распоредени во регионот како одговор на ескалацијата на Блискиот Исток.
Оваа одлука доаѓа откако ирански дрон ја погоди британската воена база РАФ Акротири на Кипар. Иако нападот предизвика минимална штета и немаше жртви, инцидентот иницираше итна воена реакција од Лондон. Разорувачите од типот 45, во кои спаѓа и „ХМС Драгон“, се единствените пловила на Кралската морнарица опремени за соборување на балистички ракети.
Британскиот премиер ги образложи овие чекори по разговорот со кипарскиот претседател Никос Христодулидес:
„Велика Британија е целосно посветена на безбедноста на Кипар и британскиот воен персонал стациониран таму. Ги продолжуваме нашите одбранбени операции и штотуку разговарав со претседателот на Кипар за да го информирам дека испраќаме хеликоптери со капацитети против дронови и дека ’ХМС Драгон‘ ќе биде распореден во регионот. Секогаш ќе дејствуваме во интерес на Велика Британија и нашите сојузници.“
Паралелно со ова, Стармер веќе им даде одобрение на САД да ги користат британските бази за „одбранбени“ напади против иранските ракетни позиции, поддржувајќи ја заедничката американско-израелска операција која започна викендов. Иако Британија располага со шест вакви моќни разорувачи, воените аналитичари посочуваат дека не се сите моментално достапни за активна служба.

