Клиентите на Алта банка во Србија од утринава можат да закажуваат термини за подигнување на средствата од осигурените депозити, откако Поштенска штедилница го стави во функција порталот наменет за оваа постапка.
Преку интернет-страницата на Поштенска штедилница (www.posted.co.rs), депонентите можат да изберат термин за исплата, која според најавите треба да започне утре, 13 ноември. Поштенска штедилница ќе ја спроведува исплатата во име и за сметка на Агенцијата за осигурување на депозити.
Право на обесштетување имаат физичките лица, претприемачите, како и микро, малите и средните правни лица, во рамки на законскиот лимит од 50.000 евра по депонент.
Исплатите ќе се реализираат на локации утврдени според поранешната мрежа на Алта банка, која броела 19 експозитури – седум во Белград и 12 во други градови, а дополнително ќе бидат искористени и капацитетите на Поштенска штедилница таму каде што има потреба од поголем обем на услуги.
За подигнување на средствата, граѓаните, претприемачите и правните лица треба да приложат важечка лична карта или пасош, како и оригинален документ поврзан со сметката или депозитот во Алта банка.
Доколку клиентите сакаат средствата во евра да ги префрлат на сметка во друга домашна банка, потребно е да ги достават и банкарските инструкции за сметката на која треба да се изврши трансферот.
Крајниот рок за поднесување барање за исплата на осигурените депозити е 3 ноември 2029 година.

