Институтот за национална историја – Скопје, во партнерство со Фондацијата „Конрад Аденауер“, денеска организира панел-дискусија во рамки на серијалот „Дијалог за историја и стратегија“, посветена на промените во современото војување и иднината на колективната одбрана на НАТО.
Дискусијата на тема „Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“ ќе се одржи во Порта Македонија, со почеток во 10:30 часот.
Во центарот на дебатата ќе бидат технолошките иновации што го менуваат начинот на водење воени операции, како и нивното влијание врз стратегиите, воените доктрини и одбранбените капацитети на државите.
Учесниците ќе ги разгледаат промените што следеа по Заливската војна во 1991 година, кога прецизното оружје, воздушната надмоќ и информациската предност добија значајна улога во воените операции. Ќе бидат анализирани и искуствата од конфликтите на Балканот, во Авганистан, Ирак и Украина, како и нивното влијание врз развојот на современите воени стратегии.
Посебно внимание ќе биде посветено на употребата на беспилотни системи, електронското војување, вештачката интелигенција, мрежното командување и прецизните оружени системи. На дискусијата ќе се разгледува и важноста на логистиката, одбранбената индустрија и способноста на државите да издржат долготрајни конфликти.
Едно од клучните прашања ќе биде дали овие промени претставуваат надградба на постојните воени концепти или означуваат суштинска трансформација на начинот на кој се водат војните.
Главен говорник на настанот ќе биде началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Сашко Лафчиски. На панелот ќе учествуваат и претставници на академската заедница, акредитирани воени аташеа, претставници на Воената академија, питомци, професори, постдипломци и експерти за безбедност и одбрана.
Со оваа дискусија организаторите имаат за цел да овозможат размена на стручни мислења меѓу воени претставници, дипломати и истражувачи за историските искуства, новите безбедносни закани и предизвиците пред НАТО и националните одбранбени системи.

