Денешното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ треба да продолжи со изведување докази предложени од одбраната, во судницата во затворот „Идризово“.
На претходното рочиште, вниманието беше насочено кон исказот на вештакот на одбраната, Петре Русески, кој тврдеше дека биле исполнети условите за пренамена на објектот. Неговите наводи предизвикаа реакции кај обвинителството и семејствата на загинатите, особено во делот што се однесува на градежните интервенции и безбедноста на објектот.
Русески посочи дека за промената на дејноста биле подготвени и доставени потребните документи, меѓу кои елаборати за заштита од пожари и безбедност при работа, поднесени до Пазарниот инспекторат, како и сообраќаен елаборат доставен до Министерството за внатрешни работи. Според неговото сведочење, во записникот било констатирано дека објектот ги исполнувал потребните услови.
Обвинителството, пак, ја оспори оценката за градежните зафати, посочувајќи дека со изградбата на галериите корисната внатрешна површина била зголемена за 88 квадратни метри. На прашањето зошто за галериите немало проект за статика, вештакот одговори дека таков проект не бил потребен.
Неговата оценка дека изведените работи претставувале обични „занаетчиски работи“ предизвика негодување кај родителите на загинатите. Александар Наунов, татко на едно од децата што го загубија животот во пожарот, посочи дека поставувањето челични столбови и метални конзоли, зајакнувањето на меѓукатната конструкција и промената на фасадата не може да се третираат како обични занаетчиски интервенции.
На претходното рочиште беше отворено и прашањето за стручните квалификации на вештакот Русески, што предизвика реакција од одбраната. Од таму побараа прашањата да бидат насочени кон оспорување на наодот, а најавија и можност за барање супервештачење доколку наодите на нивните вештаци и на вештаците на обвинителството се разликуваат.
Со судскиот процес претседава судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Случајот е една од најтешките трагедии во поновата историја на Северна Македонија.

