Македонија во недела избира претседател

Граѓаните на Македонија во недела по петти пат избираат претседател на државата. Во претседателската трка се актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски кандидат на СДСМ, Зоран Поповски кандидат на ГРОМ и Илијаз Халими кандидат на ДПА.

Првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, согласно тогашните уставни решенија. Вториот претседателски мандат го доби на првите непосредни избори за шеф на државата одржани на 16 октомври 1994 година. Негов противкандидат беше познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Од вкупно запишаните 1.368.000 избирачи, Глигоров доби 713.529, а Георгиевски 196.936 гласови. Имаше 130.000 неважечки ливчиња и недостиг од 17.523 ливчиња.  ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор до ДИК, со барање изборите да се поништат поради фалсификат. Мисијата на ОБСЕ тогашна КЕБС, ги оцени изборите за претседател како регуларни.

Вторите претседателски избори во Македонија беа одржани на 31 октомври и 14 ноември 1999 година. Учествуваа шест кандидати. Покрај Борис Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ и Тито Петковски од СДСМ во трката за нов шеф на државата беа и Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили и Стојан Андов.

Во вториот круг влегоа Трајковски со освоени 449.026 гласови и Петковски со 509.933 гласови. Со 582.808 гласови победи Трајковски. Петковски имаше 513.614 гласови. Бројот на запишани избирачи во 1999 година беше 1.610.340, а од нив на гласање излегоа 1.112.153 гласачи. По преброените гласачки ливчиња Државната изборна комисија констатира дека има 16.281 неважечки гласачки ливчиња или 1,46% од вкупниот број на ливчиња. СДСМ не ги призна резултатите од вториот круг, обвини за изборни нерегуларности и го оспори легитимитетот на Трајковски. ОБСЕ ги оцени изборите како задоволителни, со забележани неправилности во западна Македонија и во околината на Скопје.

Борис Трајковски беше инаугуриран за претседател на Република Македонија на 15 декември 1999 година, а ја извршуваше функцијата до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа кај Мостар.

По смртта на претседателот Трајковски, Црвенковски стана претседател на Македонија, а на 22 март и 5 април 2009 Ѓорѓе Иванов ја доби трката за претседател на државата.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 13 април ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство се повторува целата постапка.

07.04.2014 - 12:22
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега