Македонија и Западен Балкан заедно во борбата против нелегалната трговија со оружје

 

Убедена сум во нашата едногласност дека проблематиката со недозволената трговија со оружје, со сиот опасен потенцијал што го содржи и којшто може да се манифестира како конкретна закана за она што значи општа безбедност како во национални така и во глобални рамки, без сомнение заслужува постојан, и би рекла приоритетен, институционален и меѓудржавен ангажман. Токму затоа на самиот почеток морам да го изразам своето огромно задоволство што Владата на Република Македонија, односно Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денес се промотори на една исклучително важна иницијатива – Формирање на експертска група на земјите од Западен Балкан за справување со нелегалната трговија со оружје.

Ова  го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на работната средба на полициските експерти од земјите на западниот Балкан од областа на недозволената трговија со оружје.

Средбата е во организација на македонското МВР и се одржувa во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста во Идризово.  Главна тема е иницијативата на македонската полиција за  формирање на експертска група на земјите од западен Балкан за справување со нелегалната трговија со оружје.

Министерката Јанкулоска посочи дека е особено важно што оваа иницијатива на македонското МВР е изворна, од регион кој во изминативе децении важи за подрачје кое не само што е крстопат на меѓународните канали за криумчарење оружје, туку неретко е и регион на потекло и крајна дестинација на нелегалното оружје. Отаму, според Јанкулоска, за очекување е – “иницијатива да ги подигне на едно повисоко рамниште превенцијата, ефикасноста, оперативноста, соработката, во борбата против нелегалната трговија со оружје. Користа, пак, од таквата иницијатива ќе биде подеднакво важна и за безбедноста на нашите држави и на поширокиот регион“.

Во своето обраќање министерката Јанкулоска презентираше дел од низата досегашни активности на Владата на РМ и на МВР преземени во ова област, притоа нагласувајќи, меѓу другото, дека македонското законодавство по однос на контролата, набавката и сите други аспекти на трговијата со оружје во целост е хармонизирано со она на ЕУ и на меѓународните норми и прописи.

Исто така Јанкулоска нагласи дека тие напори и активности не се без резултати – “според статистичките показатели, само во текот на минатата година откриени се 206 кривични дела од областа на недозволената трговија со оружје, што говори за тренд на зголемување на откривачката функција за над 15% во однос на 2012 година. Притоа, поднесени се пријави против 237 сторители, од кои беа запленети и одземени 185 парчиња оружје (пиштоли, ловни пушки, полуавтоматски пиштоли, автоматски пушки, револвери) но и рачни бомби, рачни ракетни фрлачи, како и речиси 11.000 парчиња муниција, 19 пакувања експлозив, над 235.000 парчиња пиротехнички средства и друго“.

Инаку на средбата на полициските експерти од областа на недозволената трговија со оружје присуствуваа и првиот човек на Бирото за јавна безбедност на МВР, Митко Чавков, Јавниот обвинител Марко Зврлевски како и претставници од ЕУ (полициски службеници од нордиските земји) и преставници на Хрватска, Србија, Турција, Албанија, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина.

   

 

 

 

25.02.2014 - 12:45
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега