Димитар Богов: Медиумите покажаа голема трезвеност
Во тој период се поклопија неколку настани. Беа исплатени значителни субвенции на тутунарите кои во најголем број имаат транскациски сметки во НЛБ Тутунска банка. Вообичаено земјоделците веднаш повлекуваат најголем дел од субвенциите во готовина. Гужвата која беше присутна во тие денови во експозитурите на НЛБ Тутунска банка и испразнетите банкомати во некои градови, заедно со веста од Вашингтон пост која беше пренесена во некои домашни медиуми дека по Кипар следна е Словенија предизвикаа гласини дека банката има проблеми. Тоа воопшто не беше точно. НЛБ Тутунска е високо ликвидна и многу стабилна банка, вели за Прес 24, Гувернерот, Богов. Тој потенцира дека довербата е кревка работа.
-И затоа мора постојано да работиме и ние во Народната банка и деловните банки на нејзино зацврстување со одговорно, чесно и транспарентно работење. Медиумите исто така имаат значајна улога во спречувањето на ширењето на шпекулациите, кои некогаш спонтано се појавуваат, но некогаш се наменски пласирани од различни причини. Во последниот случај медиумите покажаа висока трезвеност и смиреност што беше значајно за шпекулациите да не предизвикаат помасовна паника, вели Димитар Богов во саботното интервју за прес24.
Тој потенцира дека македонската законска регулатива им забранува на македонските банки да пласираат повеќе од 10 отсто од износот на капиталот со кој располагаат во банките од групацијата на нивната матична банка.
-За илустрација, тоа значи дека најголемата банка не може да пласира повеќе од 15 милиони евра во својата матична банка. Колку е тој износ занемарлив се гледа од податокот дека тоа е само 1 отсто од нејзината актива, вели Богов.
Македонија во моментов располага со највисоко ниво на девизни резерви од над 2 милјарди и 220 милиони евра. Народната банка не размислува за крупни промени на девизниот курс.
-Нашите анализи покажуваат дека на среден рок нема потенцијал да се креираат нерамнотежи во екстерниот, финансискиот и јавниот сектор кои би го загрозиле курсот на денарот. Народната банка има на располагање доволно инструменти со кои во секое време може да го одбрани курсот доколку се случи некој непредвиден шок на економијата, вели Богов во саботното интервју за Прес24.мк
ПРЕС24.МК: Изминативе две недели шпекулативни информации предизвикаа несекојдневна ситуација и еден вид паника кај населението околу ликвидноста на некои од банките. Каква е во моментов состојбата и предизвика ли ваквата ситуација поголем потрес кај банкарскиот сектор во Македонија?
БОГОВ: Во тој период се поклопија неколку настани. Беа исплатени значителни субвенции на тутунарите кои во најголем број имаат транскациски сметки во НЛБ Тутунска банка. Вообичаено земјоделците веднаш повлекуваат најголем дел од субвенциите во готовина. Гужвата која беше присутна во тие денови во експозитурите на НЛБ Тутунска банка и испразнетите банкомати во некои градови, заедно со веста од Вашингтон пост која беше пренесена во некои домашни медиуми дека по Кипар следна е Словенија предизвикаа гласини дека банката има проблеми. Тоа воопшто не беше точно. НЛБ Тутунска е високо ликвидна и многу стабилна банка. По нашите минатонеделни реакции ситуацијата се смири и веќе има враќање на дел од депозитите во банката. Кај останатите банки ситуацијата остана нормална.
ПРЕС24.МК: Дали вакви шпекулации можат да предизвикаат посериозна криза кај банките?
БОГОВ: Шпекулациите можат да предизвикаат паника и да им нанесат краткорочна штета на одредени банки. Токму затоа Народната банка секогаш се обидува брзо да реагира и да им даде точни информации на граѓаните за состојбата во банкарскиот сектор. Медиумите исто така имаат значајна улога во спречувањето на ширењето на шпекулациите, кои некогаш спонтано се појавуваат, но некогаш се наменски пласирани од различни причини. Во последниот случај медиумите покажаа висока трезвеност и смиреност што беше значајно за шпекулациите да не предизвикаат помасовна паника.
ПРЕС24.МК: Првичната оценка за реакцијата на дел од населението ( повелкувајќи пари), сепак остава простор дека кај граѓаните се уште постои недоволна доверба кај банките. Колку тој страв, еве 20 години по монетарното осамостојување треба да биде оправдан, ако се земе в предвид негативното искуство од периодот на крајот од 80-тите и почетокот на 90-тите?
БОГОВ: Довербата на клиентите е многу значаен фактор за банките. Денес таа е на високо ниво. Но, телевизиските снимки од граѓаните на Кипар пред празните банкомати и затворените банки им ги вратија сеќавањата на нашите граѓани од некои случувања во Македонија во деведесетите години. Довербата е кревка работа и затоа мора постојано да работиме и ние во Народната банка и деловните банки на нејзино зацврстување со одговорно, чесно и транспарентно работење.
ПРЕС24.МК: Колкави се вкупните штедни влогови на македонските граѓани во банките?
БОГОВ: На крајот на февруари штедните влогови на граѓаните изнесуваа 177 милијарди денари.
ПРЕС24.МК: До кое ниво државата ги гарантира штедните влогови?
БОГОВ: Државата ги гарантира штедните влогови до 30 илјади евра по штедач во сите банки и штедилници.
ПРЕС24.МК: Хипотетички, во случај на евентуален крах на банкарскиот систем, дали Фондот за осигурување на депозити е добро капитализиран и има доволно пари да одговори на таков предизвик?
БОГОВ: Да, Фондот за осигурување на депозитите веќе располага со повисок износ на средства од пропишаните со законот.
ПРЕС24.МК: Дали постои законска можност банките од Македонија да извелкуваат пари, во случајов парите од депозити и да ги внесуваат во своите матични земји?
БОГОВ: Нашата законска регулатива им забранува на македонските банки да пласираат повеќе од 10 отсто од износот на капиталот со кој располагаат во банките од групацијата на нивната матична банка. За илустрација, тоа значи дека најголемата банка не може да пласира повеќе од 15 милиони евра во својата матична банка. Колку е тој износ занемарлив се гледа од податокот дека тоа е само 1 отсто од нејзината актива.
ПРЕС24.МК: Една друга страна на банкарското работење. Иако изминатиов период имаше некое намалување на каматните стапки, сепак Македонија е една од ретките држави во Европа со високи каматни стапки, кога станува збор за кредитирање на населението. На пример, потрошувачките кредити се уште се движат околу 10%, а станбените околу 8%. Каде е причината?
БОГОВ: Не би се сложил целосно со тоа тврдење. Дали знаете дека македонските граѓани плаќаат најниска камата на кредитните картички во светот? Дури и во развиените економии каматата на кредитните картчки изнесува 20 отсто и повеќе, додека во Македонија околу 12 отсто. Но, ако го тргнеме овој куриозитет настрана, точно е дека каматата на станбените кредити во Македонија е висока споредено со други земји во Европа. Но, исто така во Македонија е многу повисока и каматата на штедните влогови кои се основен извор на средства за банките. Основната функција на банките е да приберат депозити и тие средства да ги пласираат во кредити. Притоа, тие треба да заработат доволно за да си ги покријат трошоците и да остварат добивка за акционерите. Ако банките во Македонија во просек плаќаат 4 отсто на депозитите тогаш е разбирливо зошто каматата на станбените кредити е 8 отсто. Во други земји, банките плаќаат камата од 1 отсто на депозитите поради што за нив е исплатливо да даваат кредити со камата од 4 до 5 отсто. Секако, има и други фактори кои влијаат на каматните стапки, но ова е факторот со најголемо значење.
ПРЕС24.МК: Колкав процент од кредитите на населението кај банките спаѓаат во ризична категорија?
БОГОВ: Според последниот податок, во февруари 7 отсто од кредитите на населението беа таканаречени нефункционални кредити кај кои должниците доцнат со враќањето на ратите повеќе од три месеци.
ПРЕС24.МК: Што претставува последната одлука на НБРМ за реална проценка на вредноста на одземениот хипотекарен имот?
БОГОВ:Таа одлука е подготвувана подолго време врз основа на темелна анализа на податоците од банките и препораките на техничката мисија на ММФ. Таа е донесена во пакет со измените на Одлуката за кредитниот ризик. Двете Одлуки значат приближување кон најдобрите светски практики. Со првата се предвидува банките по преземањето на имотот, остварениот приход да го искористат за зголемување на капиталот. Додека не го продадат имотот секоја година ќе издвојуваат 20 отсто од неговата вредност како резервација. Кога ќе го продадат, ќе го прикажат приходот во билансот на успех и можат да реализираат добивка. Со втората Одлука за првпат им дозволуваме на банките да земат одреден процент од вредноста на обезбедувањето при издвојувањето на резервациите за лошите кредити. Со тоа се приближуваме до реалноста која покажува дека ретко кога банките претрпуваат загуба од 100 отсто од вредноста на кредитот кога тој е обезбеден со имот.
ПРЕС24.МК: Дали бизнис секторот во Макеоднија повеќе бара кредити за инвестиции или за одржување на ликвидноста?
БОГОВ:Тоа е прашање за деловните банки. Ние немаме таква информација.
ПРЕС24.МК: Извозно ориентираните компании со години бараат промена на курсот на денарот, односно негова флексибилност. Дали може тоа да се случи?
БОГОВ:Сегашната политика на курсот на денарот добро и служи на македонската економија. Нашите анализи покажуваат дека на среден рок нема потенцијал да се креираат нерамнотежи во екстерниот, финансискиот и јавниот сектор кои би го загрозиле курсот на денарот. Народната банка има на располагање доволно инструменти со кои во секое време може да го одбрани курсот доколку се случи некој непредвиден шок на економијата.
ПРЕС24.МК: По годинина и половина индустриското производство за прв пат бележи раст. Дали тоа може да ги помести нагоре очекувањата на Народната банка за секономскиот раст?
БОГОВ: Во нашите проекции за оваа година предвидовме раст на индустриското производство. Во моментов работиме на редовната ревизија на макроекономските движења и резултатите ќе ги објавиме на почетокот на мај.
ПРЕС24.МК: Колкави се државните резерви во моментов?
БОГОВ: Околу 2 милијарди 220 милиони евра.
ПРЕС24.МК: Ланската година Македонија ја заврши со 104 милиони евра странски директни инвестиции, бројка што е многу мала. Но, тоа веројатно се должи на тоа што компаниите одлеаа дел од капиталот во своите матични земји. Има ли начин државата да застане на патот на ваквото однесување на компаниите?
БОГОВ: Доколку сакате да привлечете странски инвестиции мора да им гарантирате слободна репатријација на капиталот. Затоа, секое ограничување на одливот на капитал од нефинансискиот сектор би било контрапродуктивно за странските инвестиции на долг рок.
ПРЕС24.МК: Како ќе се одрази отпочнувањето на преговорите со ЕУ врз монатерната политика во Македонија. Ќе има ли потреба од големи законски измени за прилагодување кон европското законодсвство?
БОГОВ: Во моментов НБРМ спроведува ИПА проект во соработка со Европската централна банка и 11 централни банки од земји од ЕУ. На крајот на проектот ќе добиеме документ со насоките за тоа што треба да направи Народната банка и кои законски измени треба да се направат за НБРМ и монетарната политика да можат да станат дел од Европскиот систем на централни банки.
ПРЕС24.МК: Кога Македонија најрано би била подготвена од денар да помине на евро?
БОГОВ: Да почекаме прво да станеме членка на ЕУ, потоа, треба да се постигне консензус помеѓу владата, Народната банка, бизнис заедницата и синдикатите за датумот на влез во евро зоната, бидејќи сите треба да си го завршат својот дел од работата.
- See more at: http://star.press24.mk/story/makedonija/intervju/intervju-so-dimitar-bog...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа