„Сите заедно под исто европско небо“ во Паркот на франкофонијата

 

Денеска во Паркот на франкофонијата ќе се одржи Европски хепенинг под мотото „Сите заедно под исто европско небо“. Настанот е во организација на општина Центар и во соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје. 

Во програмата ќе учествуваат околу 700 деца од сите основни училишта и детски градинки во општината, како и 15-тина конобари од кафулињата и ресторани во општината кои ќе се натпреваруваат на традиционалната Трка на конобари.

Основните училишта ќе ги претстават сите 28 земји-членки на Европската Унија, преку симболично претставување на нивните карактеристики, традиции, значајни ликови кои оставиле белег низ историјата на секоја земја.

Традиционално, манифестацијата ќе започне со химната на ЕУ и со обраќања на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Аиво Орав.

Во рамки на програмата ќе се одржат настани на неколку локации низ Паркот на франкофонијата. На поставената и брендирана бина во знакот на ЕУ, ќе се одржи музичко сценска програма на која децата од училиштата и градинките преку танц и музика ќе ги претстават земјите-членки на ЕУ.

На повеќе локации секое основно училиште од општината ќе има можност да претстави по четири земји-членки на ЕУ, при што посетителите ќе можат да се запознаат со најзначајните обележја на земјите. Покрај училиштата, свои катчиња ќе имаат и дечињата од градинките кои пак ќе ја претстават Македонија на патот кон ЕУ. На посебен дел од Паркот, ќе биде поставено платно на кое ученици од секое училиште ќе цртаат графити на тема: „ЕУ низ призмата на младите“. 

Најбрзиот во Трката на конобари ќе добие пехар од градоначалникот на општина Центар, како и парични награди за прво, второ и трето пласираниот конобар.

Хепенингот има и натпреварувачки карактер, а учениците ќе се натпреваруваат во три категории: најкреативно катче, најкреативен графит и најдобар музичко-сценски настап. 

ФОТО: Журнал

најчитано сега