Мицкоски: Македонија на маса со светските велесили, се отвораат нови можности

 


Во врска со надворешната политика, премиерот Христијан Мицкоски на свеченото одбележување на 22-годишнината од формирањето на неговиот коалиционен партнер Демократските сили на Ромите рече дека државата успеала достоинствено и аргументирано да се претстави пред нејзините партнери, за што, рече, резултатите се веќе видливи.

– Се боревме достоинствено да се претставиме и аргументираме пред нашите партнери на меѓународната сцена и мислам дека успеавме и дека резултатите се веќе видливи. На маса седиме со најголемите светски велесили. На маса бевме со канцеларот Шолц, на маса бевме и со поранешниот претседател на САД, на маса бевме со најблиските соработници на новиот претседател на САД, кои што дојдоа кај нас во Скопје и разговаравме за иднината, за економијата, за проекти кои што се повеќе проекти на 22 век, рече Мицкоски.

Средбата со најблиските соработници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, премиерот ја оцени како шанса која што „никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат“, и затоа, смета дека државата мора да го искористи тоа на правилен и достоинствен начин.

– Денеска ги видовме истите луѓе кои што беа пред некој месец тука со нас, рамо до рамо заедно со новоизбраниот претседател на САД (Доналд Трамп). Тоа се луѓето што ќе бидат во најблиската негова околина, од негова администрација, шанса која што можеби никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса која што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат, затоа ние мораме да го искористиме тоа на правилен и достоинствен начин за да можеме да го одбраниме тоа што нашите претходници го продадоа последниве седум години, рече Мицкоски. 

Нема простор за грешки, додаде, бидејќи државата треба со крупни чекори да оди напред за најпрво да ги стигне земјите од регионот, а потоа и развиените европски држави.

– Нема да толерирам како претседател на Владата никаква импровизација, неработење или не дај боже некој да го извалка сопствениот образ, мојот образ и образот на граѓаните. Нема повеќе простор за било каква грешка, треба со крупни чекори да одиме напред за најпрво да ги стигнеме земјите во околината, а потоа и развиените европски држави, рече Мицкоски.

06.11.2024 - 18:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега