ССНМ: Падот на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 е одраз на состојбите во Македонија

 
На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година Македонија е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции
 

Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година според Репортери без граници, земјава е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции.

Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.

Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ.

Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.

Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.

Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер.

02.05.2025 - 17:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега