Мицкоски: Никогаш повеќе да не се повтори холокаустот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод 82 години од депортацијата на македонските Евреи, каде беше оддадена почит на една од најголемите трагедии во историјата на нашата земја.
Тој во своето обраќање рече дека ова не е само ден на тага и сеќавање на страдањето на македонските Евреи, туку и ден на предупредување, ден во кој ние, како народ и човештво, потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори.
„Пред Втората светска војна, во Македонија живееше динамична, просперитетна и богата еврејска заедница. Евреите беа не само граѓани, туку и значаен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот. Нивното присуство беше дел од нашата историја со векови. Таа година во март, тогашната фашистичка бугарска окупациска власт, во координација со нацистичките власти, наредија апсење и депортација на сите Евреи од тогашната Вардарска Македонија. 7.144 мажи, жени и деца беа присилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје, во објектот на тогашниот „Монопол“. Цела една заедница, цели семејства, цели генерации беа загубени“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски подвлече дека кога злото се шири, кога неправдата се врши, кога насилството станува правило, ако луѓето молчат тогаш злото победува и затоа според него, наша обврска денес, како и секој ден, е да зборуваме, да не дозволиме нови генерации да пораснат без да ја знаат вистината, да не дозволиме омразата да најде ново тло за да никне, да се бориме против секоја форма на антисемитизам, дискриминација и омраза, да ги учиме нашите деца дека толеранцијата, хуманоста и солидарноста се темелите на едно праведно општество и да не молчиме пред неправда.
„Македонија е земја на различности, земја која отсекогаш била дом за многу култури, религии и народи. Тоа е нашето богатство, нашата сила. Еврејската заедница, иако речиси уништена за време на Холокаустот, останува дел од нашата историја, нашето секојдневие, нашата иднина, нашето културно наследство и нашата совест. Затоа, денес, додека стоиме овде, нека нашето сеќавање не биде само минато, туку и повик за иднината. Нека нивната трагедија ни биде лекција, нека нивните животи ни бидат потсетник, нека нивната болка ни биде опомена“, истакна премиерот Мицкоски во своето обраќање и повтори: „Никогаш да не се заборави! Никогаш повеќе!“
11.03.2025 - 11:51
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа