РФМ: Направивме се што можевме за да го облечеме Вугринец во црвено-жолто

Ракометната Федерација на Македонија вложи максимални напори и ги презема сите можни дејства поврзани со барањето за дозвола за настап на Немања Прибак и Ренато Вугринец на претстојното ЕП 2014 во Данска, при тоа запазувајќи ги процедурите и нормативните акти пропишани од страна на ракометните авторитети.

- Би сакале да изразиме огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт, Министерството за внатрешни работи и Владата на Република Македонија, кои во многу краток период ни излегоа во пресрет и ги донесоа одлуките со кои двајцата нови репрезентативци се стекнаа со македонско државјанство и требаше да ги бранат боите на нашиот национален дрес. За жал, оние кои ги носат одлуките во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Виена, Австрија, покажаа непринципиелност во водената процедура околу добивањето дозвола за настап на еден од двајцата дебитанти во репрезентацијата, до толку повеќе што и си дозволија мешање во одлуките на водството на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), соопштуваат од РФМ.

Од федерацијата најавија дека ќе ги искористат сите можни правни инструменти кај надлежните институции за разрешување на спорот со Ренато Вугринец, но стравуваат дека голема е веројатноста „случајот“ да не добие завршница до почетокот на ЕП во Данска 2014.

- Со повредата на Наумче Мојсовски, еден од нашите ракометни лидери во репрезентацијата и непринципиелната негативна одлука на ЕХФ во поглед на планираното засилување, сериозно е загрозена конкурентноста на нашиот национален тим, велат во РФМ.

Сепак, Ракометната федерација на Македонија смета дека ова ќе претставува дополнителен мотив за поголема мобилизација и консолидирање на нашите репрезентативни редови.

- Нашите машки сениори веќе ги почнаа подготовките за првенството и сигурни сме дека имаат капацитет и вештини за горда и достоинствена одбрана на боите на Македонија, стои на крајот од соопштението на РФМ

22.12.2013 - 14:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега