Палевски даде исказ во Обвинителството, негира поврзаност со кривичното дело

 

Првоосомничениот во случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Љупчо Палевски - Палчо на распит во ОЈО негирал каква било поврзаност со двете убиства. Во својата одбрана посочил докази кои дополнителни ќе бидат доставени.

Неговиот адвокат, Марјан Витановски по повеќечасовниот распит на Палевски рече дека Палчо како причини поради кои е посочен како обвинет е оти се работело за претходни непријателства и поради некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта.

Обвинетиот даде исказ пред Обвинителството. Во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело. Тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага Обвинителството бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид, рече Витановски.

Како одбрана, рече адвокатот, имаме докази да го потврдиме она што го кажа денеска.

-За сите наводи, со какви докази располага Обвинителството, сметам дека сигурно има признание на останатите обвинети бидејќи за нив веќе има покренато обвинение. Меѓутоа, засега се работи за вербални докази, дали дека некој од останатите обвинети или само поединци го посочуваат него како сторител на кривичното дело, односно дека ги има убиено малолетната Вања и пензионерот Панче, вели Витановски.

Палевски Палчо на 15 мај беше екстрадиран од Република Турција, каде беше уапсен на 6 декември минатата година, во градот Баликесир. Во отсуство му беше определ притвор од 30 дена. 

На 31 мај, ОЈО Скопје до Кривичниот суд во Скопје поднесе Обвинетелен акт против четири лица во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

05.06.2024 - 21:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега