Мицкоски: Граѓаните оправдано протестираат за трагедијата - згрозен сум од политичките некрофили

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази поддршка за протестите организирани по трагичната сообраќајна несреќа на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Тој нагласи дека револтот на граѓаните е оправдан и најави спроведување на ригорозна казнена политика за вакви случаи на сообраќајно дивеење.

„Апсолутно е оправдан револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема. Еден од начините да се надмине ова е инсталирање на систем што ќе детектира и санкционира ваков тип на прекршувања не само во главниот град, туку и низ целата држава. МВР веќе работи на тоа, и наскоро ќе имаме таков систем. Колку и да е политички непопуларно, мораме да го спроведеме и да воведеме ригорозна казнена политика, затоа што ако спасиме и еден живот, ќе ја постигнеме целта“, изјави Мицкоски во Стопанската комора.

Тој ги осуди политичките злоупотреби на трагедијата, нарекувајќи ги „некрофилска политика“ на поединци кои се обидуваат да извлечат политички поени преку потресни пораки.

„Ова е граѓански и оправдан протест, и целосно го поддржувам. Како премиер, ќе се заложам час поскоро да биде инсталиран системот ‘Безбеден град’, кој ќе овозможи автоматска детекција и санкционирање на сообраќајните прекршоци. Во буџетот веќе се обезбедени средства не само за градовите, туку и за клучните автопатски и експресни патишта кои ја поврзуваат државата со соседните земји“, нагласи тој.

Мицкоски исто така изрази надеж дека судско-обвинителскиот систем, чија доверба кај граѓаните е под 2 проценти, конечно ќе се ослободи од политички и други влијанија и ќе суди исклучиво според закон.

31.01.2025 - 14:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега