Сиљановска-Давкова: Законот за млади мора да се имплементира

 


Советот за млади, со учество на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, организираше панел дискусија по повод пет години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, на којашто се разговараше за имплементацијата на законот, воочените проблеми и потребните предлог-измени.

На почетокот на настанот, со едноминутен молк, присутните ѝ оддадоа почит на трагично настраданата Фросина КулаковаТие упатија апел до надлежните институции што е можно побрзо да го расветлат случајот и да ја задоволат правдата.

Панелистите споделија лични искуства од работењето во младинските тела и дадоа предлози за поефективно младинското учество во креирањето политики. Во расправата младите укажаа на отсуството на институционална поддршка и механизми за активно учество, како и на финансиската неизвесност на младинските центри што влијае на нивната функционалност.

Беа воочени низа слабости: сѐ уште не се формирани клучните координативни телаНационалното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики, само во неколку општини се основани младински центри, а во повеќе од половина општини нема Локални младински совети, ниту се усвоени локални стратегии.

Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна потребата од системски пристап во решавањето на проблемите на младите, како и парламентарен надзор над спроведувањето на законот. Со оглед на одамна пречекорените законски рокови за формирање на клучните младински тела, таа смета дека дека во отсуство на институционална рамка постои опасност законот да биде правна илузија.

Голем дел од дискутантите побараа поактивна улога на новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади во овозможувањето на учество на младите во креирањето на младинските политики.

Расправата ја модерираше Филип Ивановски, член на Советот за млади, а панелисти беа: Арта Ќерими, поранешен член на Локалното собрание на млади на град Скопје, Мартин Крстиќ, службеник за млади во општина Куманово, Мартина Јачевска, координатор на Младинскиот центар-Пробиштип и Софија Волчевска, претседател на локалниот младински совет во општина Кисела Вода.

31.01.2025 - 20:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега