АА прелага изработка на нова 30-годишна стратегија за образование и наука
Алијанса за Албанците предлага изработка нова 30-годишна стратегија за образование и наука во која ќе бидат вклучени експерти од секоја политичка партија и од власта и од опозицијата, академици и професионалци.
-Ги повикувам студентите, родителите, академиците. Не молчете и станете актери во оваа битка. Сè што се случува со образованието произлегува од замижување, молчење и атер. Амбасадите на пријателските земји испратија јасна порака дека мора да се бори против криминалот, корупцијата и непотизмот. Сите заедно мора да се бориме со овие негативни појави за поквалитетно и соодветно образование за генерациите што доаѓаат, рече на денешната прес-конференција Аријанит Река од Сектор за образование на АА.
Алијанса за Албанците, акако што посочи тој, како своја главна цел го имаше и продолжува да го има воспоставувањето на одржлив, применлив и модерен образовен систем.
-Ние сме на прагот на 2023 година и во оваа земја се уште се зборува за реформи, но резултатот не е на повидок. И уште полошо, секој ден се појавуваат недостатоци и неуспеси. Колку години треба да поминат за да се коригираат книгите? Дали сте свесни за штетата што им ја нанесувате на оваа младина и на овој народ? Во ниту една од книгите што ги користат нашите студенти, ниту еден од првите автори не е Албанец. Замислете, една третина од населението со државен универзитет, со два државни педагошки факултети и со албански министри за образование скоро 20 години, немаме автор Албанец во ниту една објавена книга. Не дека немаме академици достојни да бидат автори, туку вие ги демотивиравте, изјави Река.
Тој упати критика до надлежните кои делат оброци и јаболка, а од друга страна учениците учат без книги речиси половина година. Според Река, и тие книги што ги имаат, половина од нив се толку оштетени што децата не можат да читаат од нив.
-Криминалот и корупцијата 20 години ја одложија интеграцијата на земјата. Уште колку години ќе им требаат на нашите деца да учат во едносменски училишта? Неуспесите имаат име. Запоставено е и средното образование. Да не зборуваме за недостатокот на лабораториски простории, или за поттикнувањето на децата да се ориентираат во дефицитни насоки, рече Река.
Што се однесува до високото образование, Река рече дека има хиперпродукција на кадри во одредени насоки, а недостиг во други насоки, мултипликација на студиски програми каде што сè е ориентирано само на зголемување на бројот на студенти, а не на квалитетот на студирањето.
-Буџетот за научни истражувања е намален за 60 отсто. Политиката мора да се држи настрана од универзитетите, мора да се гарантира автономијата, но истовремено раководствата на универзитетите мора строго да го спроведуваат Законот за високо образование. Колку министри Албанци треба да поминат низ овој ресор за да дојдеме до заклучок дека работите не одат во правилна насока? Програмата за оценување на учениците – ПИСА дава страшни податоци и тоа е резултат на изминативе 20 години политики, рече Река.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа