Во Белгија ќе возиме со македонски дозволи? - Јанкулоска и Жоел Милке потпишаа договор за соработка

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзината колешка од Кралството Белгија, Жоел Милке потпишаа договор за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, особено во делот на недозволената трговија на дрога, криумчарење мигранти и компјутерски криминал. Министерките го потпишаа договорот во седиштето на белгиското МВР во Брисел.

Со овој договор двете влади се обврзаа во иднина да имаат навремена размена на информации и формирање на заеднички истражни тимови со цел да се засили полициската соработка меѓу двете земји, со можност во иднина и за признање на македонските возачки дозволи во Кралството Белгија.

- Денеска потпишавме многу важен договор за Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и на Белгија оти истиот е правна основа за полициска соработка меѓу двете земји кои ги дефинираат клучните области во кои постои широко поле за продлабочување на соработката. Овој договор овозможува директна, непосредна соработка меѓу полициите од двете земји во однос на прашањата од клучен интерес, а кои претставуваат глобални проблеми и закани за светот во денешницата. Договорот ќе ни овозможи да формираме заеднички истражни тимови што ќе работат на прашања поврзани со глабалните закани како што се сајбер-тероризмот, тероризмот, недозволена трговија со дрога и оружје и луѓе и продлабочување на полициската соработка во областа на организираниот криминал, истакна министерката Јанкуловска по официјалното потпишување на договорот.

Јанкулоска ваквиот договор го оцени како важен поради самиот факт што ова е прв договор од ваков вуд меѓу Македонија и Белгија и значи широко поле за понатамошни нови иницијативи кои би се однсувале и во заедничкиот тренинг и усогласување на најдобрите практики на полицијата на двете земји.  

Дополнителна тежина, подвлекува, дава и фактот дека денес со големата мобилност на луѓето, лица од Македонија и лица од Белгија често се наоѓаат во ситуација да претстојуваат во една од земјите и потребно е да се има законска основа за постапување и во случаите кога оние кои постапуваат законски ќе се соочат со проблем во странство. Тоа е и кога, на пример, македонски државјани го пречекоруваат законот во другата земја за да може соодветната служба да постапува и да го спроведе законот на најбрз можен начин.

- Веруваме дека овој договор ќе значи нов дополнителен импулс во нашата соработка и во периодот што следи. А, со министерката Милке се договоривме веднаш да креираме акциски планови во однос на приоритетните задачи и да почнеме да постапуваме без никакво одлагање, додаде Јанкуловска.

Милке исто така го изрази своето задоволство што е потпишан договорот меѓу двете земји, потенцирајќи дека е важно и во рамки на пристапувањето на Македонија во Европската унија и зголемување на соработка на билатерален начин.

- Важно е нашите полиции да ја засилат соработката во однос на борбата против организираниот криминал, насилството, тероризмот, како и заедничките прашања во двете држави. Задоволна сум што веќе имаме офицер за врски кој е базиран во Албанија и кој има дневни контакти со службите во Македонија. Со овој договор, сега може да почнеме со преговори за подготовка на акциски конкретен план, со конкретни мерки и размена на добри практики меѓу двете служби. Ова е важен момент за двете земји и почеток за конкретни акции, посочи министерката Милке.

На прашањето дали продлабочувањето на соработката меѓу македонската и белгиската полиција се должи на т.н. лажни баратели на азил, Јанкуловска потенцираше дека тоа не е единствената причина оти проблемите со кои се соочуваат полициите се многу пошироки од покривање на само едно прашање.

- Се разбира дека овој договор ќе значи и дополнителен импулс во соработката на тој план. Радува фактот што по интензивните мерки што заеднички ги превзедовме со белгиските власти, конечно бројот на т.н. лажни азиланти е во опаѓање и бележи драстичен пад кога говориме за Белгија. Тоа е добар пример кој може да го аплицираме на другите држави каде што во моментов проблемот е поизразен, потенцираше македонската министерка.

Македонија досега има потпишано вкупно 18 договори за полициска соработка. Јанкулоска истакна дека секогаш потпишувањето на таков договор или на договор за соработка во областа на внатрешните работи, е од големо значење за државите кои го потпишуваат поради широките области на покривање на министерствата за внатрешни работи.

- Разговаравме и за можноста за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу двете држави, што ќе го олесни и патувањето и комуникацијата меѓу државјаните кои поседуваат возачка дозвола од Македонија или Белгија. Но, тоа ќе биде предмет на преговори и дополнителни усогласувања и рано е да се говори дали и кога таков договор ќе биде потпишан, додаде Јанкуловска.

Шефицата на белгиската полиција, пак, потенцираше дека Македонија, како што за цело време ја ословуваше нашата земја, направила големи напори за реформи во овој дел и дека не гледаме во моментов зголемување на луѓе што доаѓаат во Белгија и бараат азил.

- Има некои тешкотии и треба да се справиме со овој вид на проблеми, но во моментов нема зголемување на овој проблем, иако треба да ги решиме постоечките проблеми, потенцира Милке.

21.11.2013 - 14:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега