Пепи Манасков доаѓа во РК Вардар

Легендата на македонскиот ракомет и ракометарот на 20-от век во Македонија Пепи Манасков, ќе биде дел од организациската структура на нашиот најтрофеен ракометен колектив. Со приклучувањето на Манасков, екипата на Вардар продолжува со ангажманот на врвни ракометни имиња.

Пепи Манасков ќе работи како одговорно лице на јуниорските и младинските категории на македонскиот ракометен бренд, а во следната сезона ќе биде главен тренер на новоформираниот јуниорски тим, кој ќе биде поддршка за РК Вардар во процесот на ’’регрутирање’’ на млади и талентирани ракометари, кои ќе се натпреваруваат во првенството на Македонија.

Човекот, чија што блескава ракометна кариера траеше долги 29 години, настапуваше во бројни клубови во земјата и странство. Остана запаметен по неговиот разорен удар од кого стравуваа голманите, и речиси на секој натпревар на кој што настапуваше, беше на врвот на листата на стрелците.

Почетоците на кариерата му датираат од 1977 година, како младинец во екипата на ракометниот клуб Борец од Велес. Откако на дело беа видени неговите квалитети, Манасков својата играчка кариера ја продолжи во битолски Пелистер, а интарнационалната кариера ја продолжи во францускиот Кретеј, германскиот Хамлен, словенечки Цеље, како и грчкиот Филипос. Играше и во првенството во Катар, пред повторно да се врати во Вардар и Пелистер,каде што настапуваше и во меѓувреме, за кариерата да ја заврши токму во црвено-црниот состав.

Беше дел од вицешампионскиот состав на Пелистер во СФРЈ, веднаш зад Металоплсатика, која во тоа време беше лидер во ракометна Европа. Како член на Југословенската репрезентација, настапуваше заедно со Вујовиќ, Исаковиќ, Портнер, Елезовиќ, Рниќ, Цветковиќ...

По осамостојувањето на Македонија, продолжи со нашата репрезентација. Како капитен на нациналниот тим, го достигна врвот со пласманот на ЕП во Италија во 98-та година и СП една година покасно во Египет, што преставуваше круна на генерацијата предводена од македонскиот ракометен бомбардер.

 

Пепи Манасков во неговата богата кариера има освоено 17 титули. Со екипата на Пелистер на двапати ја има освоено титултата во домашното првенство и во купот. Со тимот на Вардар ПРО, има три титули во националниот шампионат, а две во купот. Во неговата интернационална кариера, со грчкиот тим Филипос е освојувач на двојната круна во грчкото првенство, а најмногу трофеи во својата витрина има со словенечкиот Цеље, со кој во периодот од 1998 до 2000 година освоил 3 двојни круни.

15.11.2013 - 21:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега