Бизарно: Свекрвата родила невеста Босанка

Хрватските весници лицитираат со бројот на неодамна попишаните Хрвати во БиХ, а бројката не им ја нарушуваат ни бизарните примери кои потврдуваат дека можел да се попише дури и тој кој воопшто не знае дека е попишан...

Прво од сараевскиот весник Дневни беа пренесени првите проценки за вкупниот број на жители на БиХ, чии лични податоци од пописните материјали уште со години ги проверува Агенцијата за статистика, според кои во соседната Дејтонленд се регистрирани од 3,7 до 3,8 милиони луѓе, од кои 2,3 до 2,4 милиони во Федерацијата БиХ, 1,2 до 1,4 милиони во Република Српска, и нешто помалку од 100.000 во брќанскиот дистрикт. Аваз до овие нумерички апроксимации дојде благодарение на неименувани експерти од самата Агенција чии овластени претставници упорно и залудно повторуваат дека не постојат никакви официјални проценки ниту во овој момент можат да постојат, па така и сите објавени бројки ги прогласија за несериозни калкулации.

- Слободна Далмација сепак се обиде да ја провери сериозноста на податоците објавени во Дневни аваз и пренесени во хрватските медиуми, па со потсмешливо нарекување на сараевскиот весник како надобуден и сезнајко, ја објави гневната изјава на Хидајете Чосиќ. Заменичка директор на Федералниот завод за статистика: Пишувањето на Аваз е недозволиво, скандалозно! Јас сум констернирана! Пописниците се уште не поминале низ скенер во Централната база, а тие објавуваат колку има жители. Такви податоци никој од Агенцијата не можел да им даде, бидејќи никој ги нема!

Но, тоа што никој нема никакви податоци не е причина Слободна Далмација да не објави бројки уште поверодостојни од тие на Аваз и тоа веќе на самата насловна: Во БиХ 2 милиона луѓе се повеќе од пред војната! Сплитскиот весник така попиша 2,5 милиони луѓе повеќе од сараевскиот дневник, бидејќи ако тие два милиона од насловот ги додате на предвоената официјална бројка од 4,377 милиони попишани Босанци и Херцеговци, ќе дојдете до фасцинантна бројка од 6,3 милиони, од кои заклучувате дека БиХ демографски ја надминува Хрватска која изумира, и тоа недостижно, а и фали уште само еден мочан Загреб да ја надмине и Србија која исто така е на умирање.

Од каде и сега на Слободна Далмација тие 6,3 милиони? – се прашувате. Па ете од тоа што некако проценила дека барем еден милион, а можеби дури и два милиона се илегалци од други држави кои се попишале како жители на БиХ. А врз основа на што е донесена таква проценка? Па ете врз основа на приказната од Агенцијата за статистика на БиХ, за автобусите во кои од блиските и подалечните земји доаѓаат на попис, а ги имало толку многу што полицијата ги враќала од граница. Некои сепак успеале да се прошверцуваат преку граничните рампи, како божемни верници кои се упатиле кон Меѓугорје, но не ја виделе Богородица ни нејзиниот кип што свети, ни суверниците... Само поминале покрај Меѓугорје и пошле на пат кон Коњиц таму да се попишат, но во таа патриотка намера во два наврата ги спречила полицијата. А кој им е виновен ќе кажете, кога сериозно не ги сфатиле напатствијата на политичките и црковните авторитети дека не е неопходно лично да се појават на пописот?! Една Сплиќанка, која се исповедала на новинарка од Слободна Далмација, немала такви проблеми. Вели, неа нејзината свекрва ја ставила на попис, наспроти тоа што невестата нема државјанство на БиХ, па сирота сега се плаши дали поради тоа ќе мора да плати казна.

- Ама кој вас госпоѓо ќе ве казни кога не сакајќи сте придонеле за број од 560.000 Хрвати во БиХ, за што со восхит пишува и Вечерњи лист?!

Тоа е број кој не го очекуваа ни најголемите оптимисти! – вели радосно загрепскиот весник. А ако ве интересира како Вечерњи дојде до таа бројка, кога се знае дека нема никакви веродостојни податоци ни проценки, ниту пак може да ги има, одговорот е јасен: дури и хрватските попишувачи да измислиле бројка од три или 15 милиони, таа низ хрватските медиуми ќе се третираше исто сериозно како и овие 560.000 попишани, што не го очекуваа ни најголемите оптимисти! Демографите течно ќе мудруваа над поголемата бројка, а политичарите кои учествуваа во кампањата за регрутирање и испраќање на луѓе надвор во БиХ на попис би имале уште повеќе причини за само фалби по медиумите постојано желни за големи бројки.

- Госпоѓо, сеедно, хрватските медиуми би се расфрлувале со податокот дека на просторот на средновековна Босна пред турските освојувања живееле 900.000 жители, од кои 85 отсто католици, сеедно во насловите би пишуваче дека повеќе Хрвати се протерани од Босна за 20 годии, отколку Турците со векови... би се пишувало се и сешто до запирка, како што се пишува и сега. Ретко кој на тие попишувачи на демографскиот исторцизам би го поставил прашањето: поради што, кога веќе и средновековното население го пребројуваат по тогаш непостоечки национални параметри, не одат уште подалеку во минатото, па да ископаат и пописни податоци од периодот пред покрстувањето на населението на просторот на денешна БиХ? Иако не треба да се сомнева дека тие и на тоа би имале подготвен одговор изразен во хрватски, српски или босански бројки. Во бројките зад кои, како ни денес, не би биле вистински луѓе кои навистина живеат таму каде ги собираат и делат.

 

06.11.2013 - 11:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа