Татјана Стојаноска Иванова: Верските заедници да останат чувари на моралниот кредибилитет

Посакувано и пожелно е верските заедници исклучиво да продолжат да бидат чивари на моралниот кредибилитет на верниците и како такви позитивно да влијаат врз прифаќање на религиски другиот во едно мултиконфесионално општество. Само на тој начин ќе ја оправдаат нивната искреност во ширењето на принципот на религиска толеранција и само на тој начин вистински и искрено ќе се приближат до своите верници. На овој начин, универзитетскиот професор, Татјана Стојаноска Иванова, во интервјуто за Прес24, ја анализира положбата на верските заендници во Македонија и нивната се понагласена улога во политичките движења за одредени актуелни теми. Стојановска вели дека секуларниот концепт на државата е одамна нарушен, и дека верските поглавари треба да свртат кон своите верски институции 

- Одредени прашања кои ја тангираат државата апсолутно треба да бидат исклучиво третирани од иснтитуции на системот кои се задолжени за тоа. Недвојбено е дека и верските заедници може да имаат мислења по одредени прашања кои се значајни за нацијата, но тие исклучиво треба да си ги пренесуваат ставовите на себе својствен начин во рамките на сопствената верска енклава, а никако како поткрепа на нечии политики, вели Стојаноска Иванова за Прес24.

- Она што сметам дека треба да се направи под најитно е да се дистаницра политиката од религијата и да се остави религијата и теоретски и практично да почива на нејзините исконски корени, потенцира професорката по социјологина на Философскиот факултет.

Социјалните мрежи и комуникацијата со современите средства не ја загрозуваат религијата. Стојаноска смета дека не е грв да се биде на Фејзбук иако некој е свештеник или Владика.

-Прво социјалните мрежи денес се многу моќен фактор на социјализација и влијание и на тој начин може да се влијае и врз прифаќање на одредени религиски доктрини. Второ преку овој начин на комуницирање во одреден сегмент се остварува и интегративната функција на религијата која го има обединувачкиот дискурс меѓу верниците и со самиот пост или изнесен став од страна на свештено лице на својот фејсбук профил верниците имаат можност да се обединат околу тој став и да осознаат нешто ново за сопствената религија. Трето религијата, како низ историјата така и денес, во одреденеи сегменти се прилагодува на културната средина во која егзистира, а тоа подразбира одредена отвореност и одење донекаде во чекор со совремието, вели Стојаноска коментирајќи ја одлуката на Синодот на МПЦ за забрана за користење на фејзбук.

 

Стојаноска во интервјуто за Прес 24 зборува и за популациононата политика во Македонија, семејните вредности, како и неодстаток од национална стратегија за лошата демографска состојба.

Во Интервјуто за Прес24, социологот, Стојаноска Иванова ги отктива и свотие ставови зошто е против легализација на проституцијата во Македонија

 

ПРЕС24: Веројатно немало попренесувана и коментирана одлука на Синодот на МПЦ од онаа за забрана за користење на Фејзбук за свештениците и високиот клир на МПЦ, која се уште е предмет на дебата. После се, дали МПЦ усепа да ја оправда оваа одлука и колку таа може да стане реалност, ако се имаат впредвид реакциите и на свештениците?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Токму деновиве сме сведоци и на социјалните мрежи, но и во пишаните и електронски медиуми на една од најекспонираните теми последниов период, а тоа е одлуката на синодот на МПЦ ОА да забрани користење на фејсбук на своите свештеници. Искрено, социлошко анализирано, секако за овој краток временски период може да се забележи огромна дискрепанца во однос на ставовите односно постои еден вид на биполаризација, а многу малку неутрален однос на дел од граѓаните. Кога говорам за биполаризацијата првенствено мислам на крајно негативистичкиот став на дел од интелектуалната и политичка елита, но и на обичните граѓани кои одлуката директно ја врзуваат за цензура и укинување на слободата на говор на свештените лица и од друга страна позитивистичкиот аспект на одлуката на дел од интелктуалната, политичката елита и дел од граѓанството кои својата одлука за оправданост на забраната за користење на фејсбук која ја донесе МПЦ ОА ја аргументираат со кршење на догматскиот сегмент кој е дел од големите монотеистички релегии. Времето ќе покаже односно сеуште е рано да може да се суди за вистинските намери и потегот во ова време и во ваков општествен контекст.   

 

ПРЕС24:Религијата по дефиниција е конзервативна, но сепак интернетот, социјалните мрежи се реалност на денешницата. Многумина кои ја правдаат оваа одлука на Синодот сметаат дека користењето на социјалните мрежи и комуникацијата од ваков тип всушност ја губи смислата на практикувањето на верата. Сепак вберата подразбира молитва, посета на верски храм, директна комуниакција со свештеницте. Ако се земе ова како аргумент, тогаш колкава е потребата од социјалните мрежи како средство за комуникација на свештениците?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Религијата е една од најспецифичните социолошко феномени и ако појдеме од поимно објаснување на основните постулати и догми на кои почиваат монотеистичките релегии тогаш многу јасно ќе го сфатиме и принципот на исклучивост кои тие го содржат, а тоа подразбира дека само нивната вистина е точна и објавена вистина, а од друга страна сите монотеистички религии, поготово во последно време на пиедесталот го ставаат принципот на религиска толеранција, што значи прифаќање и посебен однос со поинаквиот или религиски другиот, што само по себе подразбира одредено двојство. Лично сметам дека не е грев да се комуницира преку социјалните мрежи од страна на свештени лица и тоа од неколку аспекти. Прво социјалните мрежи денес се многу моќен фактор на социјализација и влијание и на тој начин може да се влијае и врз прифаќање на одредени религиски доктрини. Второ преку овој начин на комуницирање во одреден сегмент се остварува и интегративната функција на религијата која го има обединувачкиот дискурс меѓу верниците и со самиот пост или изнесен став од страна на свештено лице на својот фејсбук профил верниците имаат можност да се обединат околу тој став и да осознаат нешто ново за сопствената религија. Трето религијата, како низ историјата така и денес, во одреденеи сегменти се прилагодува на културната средина во која егзистира, а тоа подразбира одредена отвореност и одење донекаде во чекор со совремието. Исто така посебно е важно што преку овој начин на комуникација религијата се доближува и до помладата категорија на верници, бидејќи најголем процент од корисниците на социјалните мрежи се категоријата млади граѓани и на тој начин можемногу подобро да се привлече младиот човек кон осознавање на постулатите на религијата на која и припаѓа. Исто така можеби ќе одговорам и на малку поинаков начин дали само фејсбукот и социјалните мрежи се придобивка на совремието во кое битисуваме или откажувањето и забраната ќе подразбира откажување и забрана на сешто е световно, земско и профано и откажување и забрана од сите земски задоволства?

 

ПРЕС24:Постои ли опасност социјалните мрежи, интернетот и се она што значи моредно време за живеење, од свештениците да произведе еден вид сајбер вера, или фејзбукдуховници?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Искрено сметам дека не постои опасност за такво темнило и магловитост во комуникацијата помеѓу свештените лица и верниците, иако лично како деклариран верник претпочитам посета на верски објект и чествување на религиски ритуал на соодветен верски начин. Но, тоа го изразува мојот субјективен однос кон религијата, а како социолог на религија проочувајќи ја од научен аспект, како што напомнав не го поимам како смртен грев интернет комуницирањето. Верувам во моралниот постулат и вредносноста на свештените лица кои првенствено религијата и религиските доктрини ќе ги пренесуваат на верниците во верските храмови, но тоа се коси директно со нивната можност да го искажат и својот став по одредено верско прашање и преку интернет комуникација бидејќи како што напоменав може да биде од повеќекратен бенефит и за верникот и за верската организација.

 

ПРЕС24:Иако МПЦ не сака да признае, сепак сосема јасно е дека оваа одлука на Синодот е резултата на една секојдневна активност на еден Владика на Фејзбук, кој за волја на вистината честопати знаеше да праќа политички пораки преку неговите статуси. Но, јас сакам да Ве праша нешто друго. Дали искажувањето политички ставови на еден владика е нарушување на принципот на секуларност?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Поаѓајки од уставот на РМ, Македонија е декларирана како секуларна држава што подразбира одделување на црквата од државата, што значи државничките прашања исклучиво треба да се појаснуваат и пренесуваат исклучиво од институции кои се задолжени за тоа, додека прашањата што ја тангираат религиската организација се исклучиво верски прашања. Кај нас принципот на секуларизација неколкупати е скршен по однос на важни значајни прашања. Што се однесува до политичката индоктирнираност на носителите на верски функции сметам дека апсолутно е непоимливо бидејќи религијата во принцип значи подржување и на ставање на пиедестал на основните вредности како што се чесност, почит, вистинитост, искреност, вредности кои во голем сегмент не се почитуваат во сферата на политиката и затоа сметам дека овие две подрачја апсолутно немаат никакво сврзно ткиво. Но, од друга страна реалноста ни покажува дека за пласирање на одреден политички став во одредени случаи се инвловира верска организација што апсолутно е спротивно на моралниот кодекс на религијата.   

 

ПРЕС24:Колку според Вас, свештениците сакаат да бидат влијателни политичари, а колку политичарите морални свештеници?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Многу е полесно во нашето македонско општество свештеникот да биде влијаен политичар одколку политичарот морален свештеник. Политиката и моралот се реалност и контрадикторност односно како што укажува Томсон, подрачјето каде најмногу се кршат и вулгаиризраат моралните норми е подрачејто на политиката и токму таму се урнисува секаков политички бон тон. Да не бидам погрешно сфатена политичарите како личности имаат изграден вредносен и морален кодекс, но честопати поради функцијата која ја вршат се принудени и да отстапат од тој кодекс. Од друга страна големите монотеистички религии во принцип се етички системи и поагајќи од тука се претпоставува дека свештено лице доколку се инволвира во политиката негова ѕвезда водилка ќе биде моралниот скелет на вредности кои што произлегуваат од неговата религиска доктрина. Затоа е полесно да се претпостави дека пологично е свештеникот да биде влијателен политичар отколку политичарот морален свештеник.  

 

ПРЕС24:Ја исполнуваат ли верските заедници својата примарна функција во државата?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Примарната функција на верските заедници е да ја развиваат и шират својата религиска доктрина меѓу верниците и да влијаат на верска, но и морална надградба на сопствените верници. Вака поимано би можело да се каже дека верските заедници во голема мера ја исполнуваат својата задача. Но, во одредени ситуации верските заедници интервенирале на прашања кои апсолутно не се религиски прашања и проблеми и директно влијаеле врз поинакво поимање на тие прашања од страна на одредени верници или дури ги доведувале верниците до забуна. Посакувано и пожелно е верските заедници исклучиво да продолжат да бидат чивари на моралниот кредибилитет на верниците и како такви позитивно да влијаат врз прифаќање на религиски другиот во едно мултиконфесионално општество. Само на тој начин ќе ја оправдаат нивната искреност во ширењето на принципот на религиска толеранција и само на тој начин вистински и искрено ќе се приближат до своите верници.   

 

ПРЕС24:Неколку настани во Македонија изминативе дваесетина години покажаа дека многу лесно се злупотребуваат верските чувства и религијата за произведување конфликти во државата. Кој е виновен за тоа? Поглаварите или политичарите?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Многу е лесно ако сакаш да пласираш одредена теза или на најбрз можен начин да го ставиш својот став на тест, дали е тој добар или не, ако го пласираш преку соодветна религиска организација. Религијата допира до човековото најинтимно и затоа многу лесно можеш да испоровоцираш нечија реакција пласирајќи ја под псевдонимот на религиско прашање. Лично сметам дека е крајно вулгарно да се запалува искрата меѓу верниците и да се игра со религиските чувства, бидејќи кога чувствата, поготово чувствата поврзани со религијата испливуваат на површина, совеста е принудена да молчи. Тоа значи дека рациото е исклучено од верниковите постапки и во такви случаи многу лесно може да свртиш верник против друг верник или верник против атеист. Не би сакала да изигрувам морален судија и да давам оцени и процени чија вина е поголема, дали на верските организации или на политичарите. Она што сметам дека треба да се направи под најитно е да се дистаницра политиката од религијата и да се остави религијата и теоретски и практично да почива на нејзините исконски корени.

 

ПРЕС24:Можна ли е верска толеранција меѓу верниците со куртоазна или честопати квази меѓуверско-институционална комуниакција на најголемите верски заедници?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Верувам во искреноста на верските лидери, во нивното поимање декларативно залагање и практицирање на религиската толеранција. Принципот на религиска толеранција подразбира не само декларативна заложба туку и директно имплементирање во животот, однесувањето и активностите на верниците. Овој принцип подразбира живеење на различните конфесионални заедници, не само едни до други и едни покрај други, туку живеење едни со други. За да овој принцип во својата исконска смисла вистински и искрено се декларира и практицира потребно е почитување и на сите вредности кои овој принцип во себе ги втакјува, тоа значи почитување на искреноста, чесноста, вистиноста, правдољубието и многу други вредности кои исклучиво го инзедруваат позитивното, посакуваното и правилното во човековото однесување. Религиската толеранција апсолутно не подразбира и не поима хипокризија и затоа искрено се надевам и сметам дека она што се прави од верските заедници, а кое што е врзано со толеранцијата мирот и дијалогот се прави со искрени чувства и намери, бидејќи се друго би подразбирало директно урнисување на самата толеранција.

 

ПРЕС24: Има ли меѓуверско разбирање, толеранција меѓу младите во Македонија?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Декларативно има, што значи дека ако направите истражување и поставите прашање дали би сакале да се дружите или ваш сосед да биде припадник на различна културна, етничка или конфесионална група во најголем број случаи ќе добиете одговор да. Но, ако се продлабочи истражувањето и се отиде со подлабока методолошка анализа може да се открие на суптилен начин едно двојство помеѓу декларативното и практичното. Имено како доказ на претходно споменатото се честите исполувања на насилство и агресија од страна на младите меѓу припадници на различни етнички и религиски групи. Постои една хомогенизацијаи заторање во сопствените енклави посебно меѓу младата попилација, што сметам дека е многу погрешно бидејќи принципот на моноетнички држави или држава – нација е оддамна заборавен приницип. За една мултикултурна, мултиетничка и мултурелигиска држава суштествено е социјализација на младите во духот на интекултурниот дијалог.

 

ПРЕС24: Знаете што, веќе две децении главна тема беше веронауката во образовниот систем во Македонија. Верските заедници имаа идентичен став дека тоа ќе произведе поголема веѓуверска толераниција и појак морал кај младите. Голем дел од науката имаше негативен став. Денес имаме некоја комбинација меѓу етика и веронаука во образовниот систем. Прво што сакам да Ве прашам е колку тој тип на наводна веронаука има резултат и каков?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Кога зборувавме за принципот на секуларизација едно од подрачјата каде се кршеше овој принцип е веронауката. Лично и јас не сум за класична веронаука во училиштата, туку за изучување на запознавање на религиите, а тоа го аргументирам со следниве факти. Прво секоја религија го има принципот на исклучивост во својата религиска доктрина што значи дека таа учи дека единстевно нејзината вистина е признаена вистина, од друга страна со поделба на учениците во однос на нивната религија тоа само ќе значи дезинетграција нивна, односно подвоеност и хомогенизација исклучиво по религиска основа и тука не само што не сте постигнале интеграција меѓу различностите, напротив ќе направите поделба меѓу припадниците на различни религии. Исто така веронауката подразбира дословно изучување на верските догми кои се земаат како верски вистини, не подложни на проверка и научна доследност. Тоа значи дека на часот по веронаука детето ќе учи за настанувањето на светот од своите прародители Адам и Ева, а веќе на следниот час по биологија ќе ја учи Дарвиновата терија за настанокот на светот. Недвојбено е конфузијата која ќе се создаде кај детето кое на таа возраст не е во состојба да расудува и просудва и може да избере што е правилно, а во што да се сомнева.  Доколку верските заедници сакаат да ја шират својата религиска догма кај верниците имаат совршена можност тоа да го прават во рамките на своите верски организации и на тој начин да ја доближат религијата до верниците. Запознавањето на религиите подразбира еден малку научен пристап во изучувањето на религиите пришто акцентот ќе се стави на вредностите и моралните норми кои се вткаени во монотеистичките религии и кои на тој начин ќе придонесат за вистинска интеграција меѓу децата од различна религиска група. На тој начин откривајќи им ги заедничките специфики во вредносно моралниот дискурс на религиите вие ќе придонесете да се разберат сличностите меѓу религиите и многу полесно да се сфати и прифати религиски другиот.  

 

ПРЕС24: И, ако реално се анализира што доби, а што изгуби Македонија овие две децении во кои нема веронаука во образованието?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Не би можела стриктно да кажам за придобивките или загубите на Македонија во однос на веронауката бидејќи немате мерило, односно немате репрезент на мерливост. Ако се земе предвид дека религијата во последниве години излезе од сферата на приватното во сферата на јавното и истражувањата покажуваат зголемена религиозност на населението по сите индикатори на религиозноста. Се поголем процент од населението се дкалрираат како верници и голем процент на млади се почесто чествуваат религиски празници и практицираат религиски ритуали. Религиската идеологија станува дел од идеолошко животниот хабитус на многу луѓе и сето ова ни дава за право да претпоставиме дека религиските организации, религијата си нашле соодветен начин за да ја доближат религијата до верниците. Единстевно во однос на вредносно моралната надградба би можело да се најде оправданоста и потребата на имплементирање на религијата во образованието и ќе повторам не како класична веронаука, туку како запознавање на религиите.

 

ПРЕС24: Кога зборуваме за младите, за етиката, моралот, имам чувство дека нашиот образовен систем повеќе од две децении произведува личност на кои им недостасува токму овој елемент?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Заложбата и основната фунцкија на секој образовен систем е да пренесува и развива кај учениците знаења, вештини и компетенции но и да ги социјализира и ги подготви младите за понатамошен живот во општетсвото. Тоа значи дека колку што е битен образовниот и сознајниот аспект во образованата институција толку е битен и воспитниот елемент. Без двојба ќе истаканам дека во последните години кај нас образовните институции повеќе образуваат,а помалку воспитуваат. Предметните програми се преобемни, премногу информации добиваат децата, а сето тоа влијае на намалување на воспитните аспетки. Училиштето е втор дом на детето и тоа подразбира дека сето она што е испуштено во социјализацијата во семејството ќе се надополни и надгради во училиштето. Поагајќи од фактот дека и современото семејство денес ја занемарува полека воспитната функција, образованието има уште поважна задача и да го втемели она што е испуштено во семејството. Но, за жал малку се посветува внимание на воспитното надградување на младите, а тоа е од исклучително значење бидејќи токму преку воспитанието му се покажува на младиот човек што е правилно, посакувано, позитивно и добро во едно општество, а што е лошо, негативно и како треба да се насочува неговото однесување и дејствување. Со помош на воспитанието се одредува и односот на личноста кон самиот себе, кон другите, но и кон иституциите и на тој начин се гради еден сеопфатен механизам на комуникација. Моралама ерозија која го зафати нашето општество најмногу ја почуствуваа на грбот младите луѓе и затоа суштетствено е значајно да се врати етичката димензија во образованието.

 

ПРЕС24: Кој е поопасен сидром за евентуални конфликти, меѓуетничкиот или меѓуверскиот. За воља на вистината, досега многу малку различноста по верска линија беше основа за инцидентите кои се случуваа Македонија?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Опасно е да се експериметнира и со етничкото и со религиското иако кај нас се испреплетува етничкиот со религискиот идентитет и честопати не се прави дистинкција меѓу етничкото и религиското. Токму затоа и дел од научната елита, токму говорејќи за конфликтите кои беа дел од нашето минато не може причински да ги разграничи, односно не може да се даде чисто формална и јасна слика дали тие беа резултат на етничка нетрперливост или на религиска основа. Поагајќи од основните постулати на религијата во никој случај таа не би требало да биде причина за раздор и синдром кој ќе предизвика конфликт меѓу верниците. Но, од друга страна во самите конфликти беа уништувани и верски објекти кои во голема мера се и споменици на културата. Токму затоа говорам дека тенката е линијата кај нас во однос на етничката и конфесионлата припадност и идентитет.  

 

ПРЕС24: Неколку теми кои повеќе се политички, но кои имаат поткрепа од верските заедници. Наталитетот. Многумина кога се зборува на оваа тема гледаат со потсмев, но сепак статистиката покажува дека држава како Македонија, не само што треба да се загрижи со вакви бројки, туку веројатно мора најитно да изгради стратегија за ова прашање. Греши ли државата на полето на демографијата?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Во повеќе наврати напоменав дека одредени прашања кои ја тангираат државата апсолутно треба да бидат исклучиво третирани од иснтитуции на системот кои се задолжени за тоа. Недвојбено е дека и верските заедници може да имаат мислења по одредени прашања кои се значајни за нацијата, но тие исклучиво треба да си ги пренесуваат ставовите на себе својствен начин во рамките на сопствената верска енклава, а никако како поткрепа на нечии политики. Во контекс на популационата политика мислам дека не се направи соодветна национална стратегија за демографски развој и прогрес . Имено неколку пати се нудеа ад хок решенија кои произлегоа од популаризирање на тие прашања во одредени временски периоди, а јас ќе ја поздраваа секоја одлука која ќе подразбира сериозен научен пристап во третирање на проблемот со популационата политика. Тоа првенствено значи лонгитудинална студија за конкретната состојба во РМ и ангажирање на експерти од различни фели и професии кои ги третираат демографските прашања. Не е пожелно и не треба само декларативно да се даваат одредени заложби, а истовремено во праксата да не се создаваат услови за реализирање на тие заложби. Еклатантен пример за тоа е заложбата за многудетно семејство, но во праксата искрено не се прави доволно за економско јакнење на родителите и превземање на мерки во рамките на институциите и приватниот сектор кои ќе придонесат за развивање на таа заложба. За жал ние сеуште се среќаваме со одредени уцени на припадничките на женскиот пол при нивно вработување од аспект на нивната желба и потреба за проширување на семејството. Сите услови треба да се исполнат, па потоа може да говориме за една сериозна популациона политика.  

 

ПРЕС24: Колку сите оние политики и кампањи околу абортусот, семејството, геј заедницата, што актуелната власт ги застапува се во функција на подобрување на лошата демографска состојба на државата?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Генерално не може да се даде општ заклучок за сите овие прашања, бидејќи секое од нив подразбира поинакви принципи и правила на однесување. Што се однесува до семејството и те како е неопходно посебно проучување и ставање на пиедасталот на најзначајни институции и тука недвојбено се залагам и за семејни студии кои ќе го третираат семејството од различен аспект и како посебна иснтитуција во рамките на општеството во кое живееме. Научно може да се поткрепи овој став со повеќе аргументи првенствено поагајќи од намалување на наталитетот, аномичноста што се јавува во нашето семејство, намалување на семејните вредности, насилството во семејство и слично. И токму затоа неопходно е неогово проучување. Што се однесува до абортусот како жена, но и како дел од интелектуалната елита мислам дека се контрапродуктивни кампањите со кои се забранува абортусот бидејќи со тоа директно се руши правото на жената за избор, слободата на одлучување, но и проблемот околу силувањето или малформации на плодот при што моралната двојба испливува на површина. Во однос на истополовите бракови немам ригиден однос, сметам дека секој има право да одлучува за сопствениот живот, но сум противник на посвојување на деца од истополови семејства.

 

ПРЕС24: За социјалната состостојба. Колку Македонија денес може да каже дека е социјално стабилна држава, ако се анализира социјалниот статус на населението?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Од нашето осамостојување до денес ние за жал не ги решивме најгорливите проблеми, а тоа се невработеноста и сиромаштијата. Она што со право можам да го истакнам дека ние повеќе од дваесетина година ја болуваме транзицијата и не најдовме правилен и добар механизам за борба против гореспоменатите суштински проблеми. Од друга страна реалноста ни покажува дека полека изумира и исчезнува средната класа, која е столб на секое општество. Ако сакаме напредија и прогрес во секој потсистем на општествениот систем ние првенствено треба да вложуваме во економијата која е столбот, основата, базата на секое општество, а се останато е надградба. Ако имате здрави темели ќе имате и здрава коснтрукција, а ако темелите ви се гнили ќе се плашите дека секој момент може да ви падне кровот над глава. Се надзираат  повремено одредени позитивни препораки и мерки но мора уште многу да се работи со цел да се најдат долгорочни политики за ревитализација на економијата.

 

ПРЕС24:Како ги оценувате оние владини мерки за, еве сега вработување на социјало загрозени, лица со инвалидитет во јавната администрација?

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Лицата со инвалидитет биле долго време маргинализирани и многу малку се превземало за нивно вклучување во нормалните животни текови и општествени случувања. Ја поздравувам и поддржувам секоја одлука, се разбира на здрава и реална основа, која значи нивно вклучување во општествениот живот, а посебно кога станува збор за олеснување на начинот на обезбедување на егзистенција на оваа категорија на граѓани.

 

ПРЕС24: Во едно претходно интервју за прес24, Влатко Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, чиј став е негативен во поглед на легалицацијата на проституцијата, како одговор на прашање поврзано со ова атема, отвори дилема,  дали Скопје ќе биде подобар град за живеење со на пример 50 јавни куќи? Што мислите Вие?

 

СТОЈАНОСКА ИВАНОВА: Не сакам да коментирам нечии изјави, поготово на политичари. Она што можам да ви го кажам е мојот став по тоа прашање. Јас сум против легализација на јавни куќи и тоа го аргуменитрам со следниве факти. Поагајќи од феминистичкиот дискурс жената не може да се третира како предмет на пазарење и купување, а нејзиното тело да биде премдет на изживување. Исто така љубовата која е на пиедесталот на највискои вредности треба да биде основа за сексуално општење и апсолутно е неморално таа да се купува или продава. Сексот како чин подразбира уживање и сладостраст од страна на двајца вљубени и е класична вулгаризација е тој да се сведе на нагонско и инстиктивно општење заради финасиски средства кое би било рамно на животинското општење. Понатаму во време на еродирани морални вредности да се стимулираат девијантни појави е апсолутна лудост. Исто така не држат аргументите на оние кои сметаат дека државата ќе прибере соодветни даноци од јавните куќи бидејќи во општество како што е нашето колкумина ќе имаат храброст јавно да се декларираат во јавните куќи и да платат соодветен данок за услугата што ја добиле..Реалноста покажува дека и во држави каде е регулирана проситиуцијата, уличната проситутиција не само што не еискоренета, туку во дел од нив е уште повеќе распртостранета. Има уште многу аргуенти против, но сметам дека горенадевените се доволни и дека има многу поприоритетни работи за решвање во нашата држава отколку легален пристап на општествените девијации...

03.11.2013 - 13:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа