Ставревски: Се повеќе странски компании доаѓаат и инвестираат во Македонија
Министерот за финансии Зоран Ставревски денеска посочи дека се поголем број глобални компании доаѓаат во Македонија и отвараат поголем број на фабрики.
- Приказната за странските инвестиции во Македонија е една успешна приказна за тоа ако ја подобриш бизнис-климата што е евидентно, бидејќи со години по ред сме меѓу најдобрите реформатори во светот, меѓу 10 топ-реформатори во светот и преку еден амбициозен план на презентации на инвестициските можности пред инвеститорите во Европа, но и на другите континенти да можат да се привлечат странски инвестиции во земја која е релативно мала и каде инвеститорите можеби немале претходно интерес, изјави вицепремиерот Ставрески, одговорајќи на новинарски прашања по Конференцијата по повод одбележувањето на Денот на осигурувањето.
Ставревски истакнува дека презентацијата на инвестициските можности покажала дека може да се донесат странски инвестиции и во мала земја како Македонија. Тој додаде и дека подобрената бизнис клима дава резултати, а воведувањето најниските даноци се позитивно прифатени од странските компании.
- Тие фабрики се отвораат не само во Скопје, туку и во внатрешноста и од тој аспект за нас е значајно да продолжиме со ваквите напори да се зголеми износот на странски инвестиции и да се отворат нови работни места како тоа што се случуваше во Кавадарци и Битола, да се случи и во сите други места во Македонија.
Исто така, министерот за финансии потенцираше и дека од година во година бројот на странски капитал кој влегува во земјава е се поголем.