Во Скопје конференција за развој на човековите ресурси

 

Во Скопје денеска се одржува конференција за начините за создавање човечки капитал што ќе одговори на потребите за развој на организациите во услови на постојани промени. 

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, изјави дека државните и приватните организации треба да го прилагодат начинот  на функционирање и водење бизнис на новите генерации кои не познаваат свет без користење на современите информатичко-комуникациски технологии.

- Целта е да се овозможи на креативните индивидуи да работат во околина што им е позната ним. Треба да направиме нова околина во која ќе им овозможиме со користењето на овие технологии да работат поефикасно и нивната креативност да излезе повеќе на виделина со цел да ги услужиме граѓаните во време кога постојано има барања за нови услуги, изјави Ивановски.

Министерот за информатичко општество оцени дека потенцијалот за човечки капитал во Македонија е голем: - Тој потенцијал најефикасно може да се искористи за развој и унапредување на целото општество преку креирање соодветни структури во организациите и изнаоѓање соодветни системски решенија, кои ефикасно ќе одговорат на предизвиците во турбулентните времиња, рече  Ивановски.

Христина Лозановска, претседателката на Македонската асоцијација за човечки ресурси, смета дека треба да се подобрат условите за работа внатре во организацијата не само во приватниот, туку и во јавниот сектор.

- Со јавно приватно партнерство би требало да се постигнат ефекти за унапредување на професијата,  а тоа е во правец на создавање човечки капитал од целиот потенцијал со којшто располага  земјата. Компаниите и организациите да создадат човечки капитал кој ќе одговори на потребите на таа организација. Значи, наменски да се делува и со едукација и со градење организациска култура, што ќе биде поддршка на приоритетите на организацијата, изјави Лозановска.

18.10.2013 - 12:13
Фото: 
Алфа.мк

најчитано сега