Жерновски:Ја внесуваме земјата во побезбедни води, загрозувањето на Преспанскиот договор ќе значи загрозување на иднината

 

Многу е важно што новата методологија го врати проширувањето на врвот на агендата, го заживеа процесот на ЕУ, истакна заменик-министерот за надворешни работи и член на ЦО на СДСМ, Андреј Жерновски, во „Топ тема“.

Според него, конечно може да се каже дека Брисел потврдува оти иднината на земјите од Западниот Балкан е во ЕУ.

-Ние остануваме реални оптимисти за тоа дека ние ќе добиеме конечно датум за преговори. Она што можам да го кажам е дека сега во Брисел оптимизмот е поголем во инситутциите, и кај земјите-членки. На сите средби што ги имам јас, министерот итн., потенцираат дека сега состојбата е далеку далеку подобра во однос на октомври минатата година, истакнаЖерновски.

Вели дека токму договорот е главна причина зошто се деблокираа евроатланските процеси.

-Ние само до пред 2,5 години бевме една заглавена земја која што немаше никаква перспектива, ниту во ЕУ ниту во НАТО, со крајно влошени односи со своите соседи. Преспанскиот договор ги отвори овие врати и денеска имаме навистина еден свечен ден. Денеска е празник, историски момент, денеска се крена знамето на НАТО пред Собранието на Р. Северна Македонија, всушност се крена целата магла која што беше околу нашата земја од самото постоење на нашата земја, рече Жерновски.

Според него, земјата влезе во побезбедни води, а идните генерации ќе имаат многу посигурна иднина.

-Загрозувањето на Преспанскиот договор ќе значи загрозување на тоа што денеска го имаме, на иднината наша во Брисел, под Брисел подразбирам и ЕУ и НАТО, така што останува сите партиципиенти на политичката сцена да го разберат сето ова, за одговорноста што ја носиме, за одговорноста што ја има и власта и опозицијата. Денеска сум горд што, после само 2,5 години, ова што го направи Владата е навистина огромен успех, оцени вториот човек на МНР, Жерновски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.02.2020 - 21:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа