Ставрески: Признанието од Фич е силен сигнал до странските инвеститори
Mинистерот за финансии Зоран Ставрески денеска изјави дека македонската Влада е задоволна од потврдата на кредитниот рејтинг на Република Македонија од страна на Агенцијата „Фич“. Според него, ова е признание за економските политики на земјата и добар сигнал за странските инвеститори.
- Многу малку земји во овој економски амбиент имаат добиено потврда на кредитниот рејтинг и тоа е значајно заради тоа што се праќа силен сигнал кон странските инвеститори за тоа дека Рeпублика Македонија е земја во која, според оценката на меѓународните рејтинг агенции има макроекономска фискална стабилност и соодветни услови за инвестирање. Исто така, со оценката се праќа и сигнал до банкарските институции, инвестициските фондови и сите оние кои во иднина треба да учествуваат во купувањето на државните обврзници на РМ при евентуална емисија дека РМ е земја со здрави макроекономски индикатори и е различна од земјите во соседството кои имаат многу повисоко ниво на задолженот и многу пониски стапки на раст, рече денеска министерот Ставрески.
Како што рече вицепремиерот, рангирањето на „Фич“ се базира на подобрените проекции за економскиот раст на земјата и умерените буџетски дефицити. Според Ставрески,агенцијата констатирала дека македонската економија заздравува повеќе од очекувањата и дека растот за годинава се очекува да биде 2,7 проценти. Според Фич, силна страна е и ниското ниво на задолженост кое е под 34 проценти од БДП.
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ вчера ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен „ББ+“.