Проект за намалување на миграцијата на младите од руралните области

„Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области“. Овој проект ќе се спроведува во следните шест месеци во Свети Николе со цел да се зголеми бројот на претприемачки бизниси во микро-регионот Свети Николе-Штип и да се намали економската стапка на миграција на младите и преселбата во поголемите градови или заминувањето во странство.

- Развојот на руралните традиционални бизниси во претприемнички бизниси ќе им овозможи на младите луѓе од микро-регионот Свети Николе-Штип подобри и поголеми шанси за наоѓање вистинската работа и продолжување на животот во нивната општина. Со предвидените активности директно ќе се влијае на невработеноста кај младите, како една од најголемите социјални проблеми, беше речено на промоцијата.

Проектот предвидува обуки за маркетинг и промоција на мали, рурални бизниси, обуки за е-маркетинг и промоција преку социјалните мрежи, обуки за продажни техники на традиционални производи, како и обуки за брендирање на традиционалните производи. Во него ќе се вклучат сопствениците на традиционалните бизниси од микро-регионот, членови на нивните потесни семејства - потенцијални наследници на нивните бизниси. 

- Проектот ќе придонесе за развивање на бизнис потенцијалот во овој микро-регион преку ставање фокус на подобра  промоција на традиционалните производи и за задржување на младите луѓе и нивно мотивирање да го  пронајдат своето идеално место во овие две општини, а не надвор од Македонија. Зголемувањето на бизнис потенцијалот на   традиционалните бизниси, пак, ќе генерира поголем број работни места за  младите жители на овој регион, рече Благица Л’скова, координатор на проектот.

15.10.2013 - 16:37
Фото: 
Денешен

најчитано сега