Во последниот напад Ларвик спаси бод против Вардар

Ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ и на Ларвик одиграа нерешено 27:27 во првиот натпревар од второто коло од ракометната Лига на шампионите. Македонскиот првак беше на чекор до победа, но европскиот вицепрвак Ларвик со голот на Нора Мерк во последните секунди се избори за нерешен резултат.

Натпреварот беше со многу пресврти. На почетокот Ларвик водеше со 4:0, но ЖРК Вардар СЦБТ успеа да поведе во 15.минута со 7:6, а потоа имаше предност и од 8:7. Во продолжението екипата од Норвешка повторно имаше предност (28.минута – 15:10), а на полувремето беше 15:12 за Ларвик.

Почетокот на вториот дел не навестуваше добра завршница за македонскиот првак бидејќи во 43.минута Ларвик по вторпат имаше највисоки плус 5 (23:18 во 43.минута). На голот на ЖРК Вардар СЦБТ поворно се врати Ина Суслина и македонскиот тим направи серија од 6:0 за водство од 24:23 во 52.минута.

„Вардарки“ имаа и два гола предност (26:24), но сепак решаваа последните напади. Најпрвин Маја Зебиќ за ЖРК Вардар СЦБТ реализираше пенал за 27:26, а потоа Мерк нешто пред сирената ги постави конечните 27:27.

Кај ЖРК Вардар СЦБТ, Зебиќ со 7 голови беше најпрецизна, а Мерк од Ларвик постигна 9 голови. Суслина натпреварот го заврши со 9 одбрани.

И двете екипи освоија по еден бод и со вкупно три се на делба на првите две места во групата Д. Следниот натпревар ЖРК Вардар СЦБТ го игра на 19 октомври со Подравка во Скопје.

11.10.2013 - 22:20

најчитано сега