Македонско-грчкиот спор со името една од темите на Генералното собрание на ОН
На маргините на Генералното собрание на ОН, САД ќе работат и на прашањата како што е спорот за името меѓу Македонија и Грција, изјави Дин Питман, помошникот државен секретар на САД на брифингот на кој ги претстави
американските приоритети за Генералното собрание, кое почнува следната недела.
- Ако погледнеме кој се ќе биде во Њујорк, таму ќе имаме можност да обрнеме внимание и на помалите прашања, покрај поголемите прашања. Ќе има делегации од секоја земја во светот, најголем дел од функционерите во Стејт Департментот исто така ќе бидат во Њујорк, државниот секретар, помошниците секретари, и ќе има можности да се искористи и тоа за ваквите помали прашања, кое знам дека не е мало прашање, бидејќи да беше мало, досега ќе беше решено, изјави Питман. Тој подоцна на новинарско прашање го стави спорот за името меѓу Македонија и Грција во категоријата на замрзнати конфликти.
На Генералното собрание во Њујорк од македонска страна ќе присуствуваат претседателот на Владата на Македонија, Никола Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Грчката делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос. Грчки дипломатски извори најавија дека е можно и грчкиот премиер Андонис Самарас да дојде во Њујорк, иако помина само еден месец по неговата посета на Њујорк и Вашингтон.
Помошникот секретар Питман најави дека главното прашање на кое САД ќе работат во Њујорк, односно како што рече „слонот во собата“, ќе биде војната во Сирија. Американскиот претседател Барак Обама, кој ќе биде во Њујорк заедно со државниот секретар Џон Кери, ќе се обрати на Генералното собрание во вторник, а воедно ќе има билатерални средби со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, како и три билатерални средби – со водачите на Нигерија, Либан и Палестинските територии.