Сиљановска-Давкова бара сериозна акција против принудувањето на жените на проституција

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Тетово на новинарско прашање ја коментираше вчерашната ситуација кога беше спречено самоубиство на жена која била принудувана на проституција. Ранливоста на жените е голема, оцени претседателката на ова прашање, потенцирајќи дека во пораст е фемицидот.

– Се израдував деновиве кога видов дека и во Италија веќе има кривично дело фемицид. Ние имаме, иако не е во Кривичниот законик именувано како фемицид, ама ја имаме таа квалификација. За жал, повеќе пати, судиите наместо да посегнат по таа квалификација, наоѓаат некоја друга полесна квалификација. Како жена сум најостро против тоа. А, прашањето е болно за мене, бидејќи ние влегуваме, верувале или не, мислам во групата од пет држави, а тоа не е пристојно друштво каде што има, во голем степен, модерно ропство. Тоа значи злоупотреба на жените, кои се примамуваат на друг начин за работа, а потоа се принудени да се занимаваат со проституција, рече Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека е потребна заедничка регионална акција, споменувајќи ја можноста за интервенции преку Интерпол.

– Не е пристојно на картата на светот да бидете во држави каде што се толерира модерно ропство и јас мислам дека министерот за внатрешни работи не смее тоа да го дозволи и треба да се зафати со една сериозна акција за да ставиме крај на ова. Деновиве светските весници информираат за сличен настан, некаде по арапските држави. Исто така, лице која била спремна да го жртвува животот. Акција барам, го осудувам тоа, ние жените први треба да се спротивставиме на ова, сите заедно, оти чув дека некако низ регионот се движеле истите поединци, истакна Гордана Сиљановска-Давкова.

На новинарско прашање за проблемот кој го посочуваат граѓанските иницијативи за собирањето потписи, Сиљановска-Давкова рече дека и да остане правен вакуум независните листи или кандидати повторно ќе можат да се формираат бидејќи членот 60 не е укинат.

– Во членот 60 се вели дека кандидати на локалните избори може да предложат политичките партии, ама и граѓаните преку независни листи. Одговорот би бил дека тогаш нема да има потреба ниту од потписи, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Таа во Тетово беше на средба со градоначалникот Биљал Касами и присуствуваше на Тетовско културно лето, манифестација која вечерва има предвидено македонска музичка вечер. 

24.07.2025 - 23:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега