ВМРО-ДПМНЕ: Скандалот се повеќе расте - Заев и доделувал тендери на снаата за брат

Мега скандалот со склучување на договори за јавни набавки помеѓу општината и нејзините институции и фирмите на фамилијата Заеви, не запира, туку напротив и денес продолжува со засилен интензитет.

Денес обелоденуваме уште еден случај, уште една фирма во сопственост на член од потесното семејство на Зоран Заев, која склучила договор за јавна набавка со Средното општинско училиште “Димитар Влахов” и која директно го вмешува Зоран Заев во случајот на непотизам и судир на интереси, за кој ние во неколку наврати досега укажувавме дека во голема мера е пристутен во Општина Струмица.

Да потенцираме дека според Законот за локална самоуправа и другите закони надлежен за назначување на директорите на училиштата, па и на градинките е градоначалникот. Тоа значи дека директорите што ги назначувал Зоран Заев давале јавни набавки на фирми во сопственост на фамилијата Заеви.

Да појасниме.

Станува збор за фирмата “Ева Стаил” ДООЕЛ увоз – извоз од Струмица, во сопственост на Славица Заева која впрочем е сопруга на Вице Заев, родениот брат на Зоран Заев. Истата оваа фирма на ден 21.03.2011 година склучува договор за јавна набавка со Средното Општинско Училиште “Димитар Влахов” во вредност од 65.320 денари наменети за изработка на училишни униформи.

Г-дине Заев, ако и по ова, сеуште тврдите дека нема никаков сомнеж за непотизам и судир на интереси, совршено е јасно дека Вие не сакате да погледнете во очи на фактите и реалноста. Смешно игледаат Вашите обиди да се претставувате како жртва.

Г-дине Заев, наместо да ги испраќате Вашите партиски гласноговорници да се обидуваат да го покријат вашиот срам со лажни информации и злонамерни манипулации, време е да прифатите и да признаете дека непотизмот и судирот на интереси се класичен начин на кој Вие сте ја обавувале Вашата градоначалничка функција. Неможете да избегате од овој скандал колку и конструкции и напади да направите. Нашиот став е јасен законот мора да важи за сите без разлика дали се во една, друга или трета партија, дали се на функција или не.

Било какво оправдување и префрлање на одговорност изгледа наивно и е потценување на граѓаните. Директорите на општинските институции Вие ги назначувате, а фирмите кои до сега беа споменати во јавноста, без исклучок, вклучително и нивните сопственици, очигледно меѓу себе се поврзани во еден систем на непотизам, бизнис интерес и сосопственички односи. Тоа е така зошто истите луѓе, дел членови на вашата фамилија, а дел Ваши блиски соработници и во бизнисот и во политиката, се сопственици или членови на управувачки и надзорни одбори на повеќе фирми кои гравитираат околу Вас, Вашата фамилија и спротивно на законите, околу Општина Струмица и нејзините општински институции.

Се работи за луѓе кои подолго време работат заедно и кои што се капитално поврзани помеѓу себе. Луѓе кои што во Струмица се познати како ваши блиски соработници. 

Затоа, Ние го повикуваме г-динот Зоран Заев да излезе и конечно да даде логичен одговор на граѓаните на Република Македонија, колку пари досега Општина Струмица и нејзините институции доделиле и префрлиле на сметките од фирмите на неговото потесно семејство.

(Интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ)

19.09.2013 - 15:03

најчитано сега