Груевски: Продолжуваме со отворениот и конкретен пристап кон бизнис заедницата

МАкедонскиот премиер Никола Груевски денеска упати апел до претставниците на бизнис заедницата да ја искористат отвореноста на Владата и да ги пријават своите идеи и проблеми во работењето. Тој во своето обраќање информираше дека во тек е оглас до сите компании кои сакаат да бидат посетени од тимови на Владата да се пријават, и да очекуваат средба со нив.

- Ве повикувам сите кои имате проблеми за кои верувате дека со интервенција на Владата може да се решат или за кои верувате дека се системски слабости и пропусти не се колебајте и во текот на следната недела испратете писмо до Владата. Тимови кои се под нивно раководство многу брзо ќе ви се јават за средба на која ќе се разговара за проблемите со кои се соочувате, а кои се од доменот на нашите одговорности како Влада. Сметам дека ваква отвореност, активност и конкретен пристап на Владата немало никогаш претходно во Република Македонија, а не познавам ниеден таков случај во ниедна друга земја. Независно кој како ќе го окарактеризира ова јас знам дека можеби половина од мерките што ги преземавме во последните шест години ги преземавме како резултат на сознанија од овие активности и овој пристап. Искористете ја оваа отвореност на Владта и ако имате идеи и проблеми пријавете се, истакна Груевски во своето обраќање пред бизнис заедницата,

Како што рече премиерот, освен што Владата работи на решавање конкретни проблеми на компаниите кои побарале помош, се трудат да креираат и системско решение за секој проблем што во иднина би се јавил да може да се реши преку определени измени и дополнувања на закони, подзаконски акти и слично.  

СПоред Груевски, степенот на реализација на усвоените барања во првиот циклус е преку 60%, а приближно таков е и во вториот циклус кога се посетени 165 компании со 225 барања.

Тој во денешното обраќање сподели видувања и анализи за актуелните состојби и перспективите на македонската економија во 2014 година. Тој посочи на мерките за подобрување на бизнис климата, конкуреноста, најавувајќи дека ќе бидат објавени и имињата на оние што должат повеќе од 90 дена над 2.000 евра. Груевски најави дека ќе биде донесен и закон за финансиска дисциплина, како надополнување на инструментот задолжница.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, пред присутните истакна дека сака ова да стане традиционална средба и еднаш во годината премиерот да се обрати пред бизнис заедницата. Тој посочи дека од првата средба пред една година, досега, имало многу позитивни настани.

- Мислам дека ќе бидеме задоволни ако продолжи и во наредната година, истакна Азески.

На денешната средба присуствуваат над 700 компании во Македонија.

18.09.2013 - 14:55

најчитано сега