Државните ствари ќе се продаваат само по електронски пат

Поголема отчетност и транспарентност при спроведувањето на јавните набавки од страна на институциите, како и со огласувањето на продажба на стварите на државните органи предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки и Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Како што изјави на денешната прес-конференција во Владата премиерот Никола Груевски, предложените законски решенија кои се веќе доставени до Собранието се резултат на реформите започнати пред повеќе месеци, а се базираат на добрите практики во овие области.

Во однос на измените и дополнувањата кај Законот за јавни набавки со нив, потенцира, се создаваат нови и подобрени алатки за борба против корупцијата, силно се стеснува просторот за манипулации, за обиди за наштетување на државниот интерес и средствата на граѓаните или, пак, противправно обезбедување на имотна корист, се штити јавниот интерес со предвидување на норми со кои се отстрануваат можни влијанија и субјективизам, директно и позитивно се одговара на барањата на деловната заедница. Се придонесува кон намалување на трошоците на деловните субјекти кои настануваат во постапките на јавните набавки и значително се подобрува нивниот пристап. Се подобрува правната заштита на интересите на деловните субјекти како основен столб за обезбедување законитост на постапките. Дополнително се зголемува транспарентноста доследно на владините политики во оваа област и се реализираат други останати позитивни работи со рефлексија во повеќе сфери, посочи премиерот Груевски.

- Република Македонија е лидер во регионот во користењето нови иновативни методи и средства за спроведување на јавните набавки особено во сферата на користење електронски средства за што Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии имаат добиено неколкукратни позитивни оценки од релевантни меѓународни институции, рече Груевски.

Тој подвлече дека електронскиот систем на јавни набавки овозможи целосна транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства што никогаш претходно во ниту една претходна влада од политичките конкуренти го немало.

- Податоци за склучените договори, договорените износи и избраните понудувачи можат да се добијат во секое време без ограничувања. Новите законски решенија обезбедуваат нормално функционирање на јавниот сектор и на обезбедување на потребните услуги на граѓаните, но од друга страна, и соодветни контролни механизми за спречување на злоупотреби на јавните фондови, рече Груевски.

Како најзначајна измена тој го издвои заострувањето на контролните механизми кои обезбедуваат спречување злоупотреби при утврдување на условите за учество на компаниите и техничките карактеристики на предметот на набавка.

- Во иднина набавувачите односно договорните органи ќе мора да извршат сериозна анализа на пазарот за да ја утврдат потенцијалната конкуренција и бројот на можни понудувачи. Анализата треба да покаже како би влијаеле условите за квалификација на фирмите и техничките спецификации на бројот на потенцијалните понудувачи кој треба да е поголем од пет понудувачи, рече шефот на Владата.

Во овој контекст, подвлече, клучно е што значително се зајакнува позицијата и надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки која во иднина ќе има активна улога за спречување можни манипулации со критериумите. Се предвидува оваа комисија да издава согласност пред објавување на тендерот доколку од објективни причини условите за учество не дозволуваат исполнување на условот од најмалку пет конкуренти. Постапката за барање и издавање вакви согласности е целосно пропишана при што се воведува и регистар на независни експерти кои ќе потпишуваат акт за полна морална, материјална и кривична одговорност, ќе бидат вклучени со свои независни мислења кои комисијата ќе ги има предвид при донесување одлуки дали да даде согласност или не за огласување одредена јавна набавка. Во законот конкретно се посочени случаите кога е нопеходно мислење од Комисијата за објавување одреден тендер, а посебно се посочени и случаи за набавка на лекови и медицински помагала. Имено, јавните здравствени установи ќе ги спроведуваат набавките според принципот „еден артикл – еден дел“, со што, според премиерот Груевски, се очекува максимално да се зголеми конкуренцијата, а се забранува користењето на заштитени имиња (брендови) на лековите со цел да се избегне тенденциозно и неоправдано фаворизирање на одредени фармацевтски куќи, туку постапките во оваа област ќе мора да се спроведуваат согласно генеричките имиња на лековите. За непостапување по овие законски норми се предвидува кривична постапка со затворска казна и ништовност на тендерот.

Инаку, регистарот на независни експерти ќе го состави комисијата по пат на оглас, а ќе се избираат софтверски по случаен избор во одредена област за што експертите ќе добиваат надомест. Тие претходно ќе потпишат акт за полна морална, материјална и кривична одговорност.

Кршењето на овие обврски ќе повлече и кривична одговорност за сторителите односно раководните лица во државната институција. За таа цел се предвидени и неколку кривични дела кои се движат од една до пет години затвор за кривичните дела со умисла, но и казна за кривично дело од небрежност. Предвидени се и остри казни при несоодветно постапување на второстепената комисија, за неказнетите членови.

Меѓу новините кои се предвидуваат со измените на Законот за јавни набавки е и обврската за задолжително прикачување на тендерската документација на електронскиот систем за јавни набавки при објавување на огласот. Оваа мерка ќе придонесе да се подобри пристапот на фирмите, а особено на малите и средните претпријатија до постапките за јавни набавки бидејќи нема да има повеќе губење време и пари за да се подигне тендерската документација од самиот набавувач. Практично со измените тендерската документација ќе им биде достапна на понудувачите веднаш штом ќе биде објавен огласот.

Нови решенија се и дополнителното регулирање на правата и обврските при конкурирање од страна на група понудувачи. Компаниите кои ја сочинуваат групата пред поднесувањето на документацијата задолжително ќе треба меѓусебе да потпишат договор кој ќе ги регулира нивните односи и интереси, односно да се предвиди кој е носител на понудата, кој ја сноси гаранцијата, кога, кој и како може да се откаже или да не се откаже од процесот итн.

Исто така, се доуредува издавањето негативни референци, а особено правната заштита на фирмите против незаконски негативни референци што го ограничуваат нивното право на учество.

Со измените и дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, пак, ќе се придонесе за голема транспарентност во продажба на стварите кои ги користат државните органи и поголем достап на процесите.

- Се создава нова алатка во борбата против корупцијата и се стеснува просторот за самоволно однесување на инстутуциите, а се намалуваат и трошоците и во време и средства за субјектите кои сакаат да учествуваат во процедурите за купување на ствари, се заокружува целината и се обезбедува постапување со кое се штити јавниот интерес, рече премиерот Груевски.

Од први јануари 2014 се воведува обврска за електронска  продажба на стварите кои ги користат државните органи. Секоја продажба задолжително ќе се води по електронски пат, за разлика од досега кога се поднесуваа писмени понуди.

Ова ќе се однесува во прв ред на министерствата, но и на сите други буџетски корисници. 

- Во соодветна постапка сите физички и правни лица ќе можат преку регистрирање на електронскиот систем да наддаваат за купување ствар (недвижна или движна), која што врз основа на задолжителна и претходно донесена одлука од Владата ја отуѓува некој државен орган. За продажба на ствар транспарентно ќе треба  задолжително да се објави јавна објава во најмалку три весници, од кои два на македонски јазик, а еден на јазикот кој го користат заедниците кои не се мнозинство. Објавата, покрај во весниците, ќе треба да биде поставена и на интернет страницата на Управата за имотно правни работи, со што секој субјект во секој момент ќе има преглед на стварите кои се на продажба и дополнително ќе се олесни пристапот до процедурите како и транспарентноста, појасни премиерот Груевски.

Додаде дека рокот за поднесување пријави ќе трае најмалку 10, но не повеќе од  30 дена сметајќи од денот на објавата. При пријавата секој интересент треба да уплати депозит во висина од 5 проценти од проценетата почетна цена на наддавањето, кој му се враќа доколку не победи на јавното наддавање, и тој од Комисијата добива шифра за пристап во електронскиот систем, и информации за денот и времето кога ќе се одржи електронското јавно наддавање.
 
- Субјектот кој ќе понуди највисока цена се стекнува со правото да ја купи стварта која е предмет на продажбата. Потоа, во рок од 5 дена субјектот кој победил на наддавањето и државниот орган кој ја продава стварта склучуваат договор, а субјектот е должен во рок од 15 дена да ја уплати полната вредност на средства која е постигната на наддавањето. Доколку тоа не го стори, средствата од депозитот се задржуваат во државниот орган, се спроведува нова постапка за јавна продажба, а субјектот кој имал обврска да ја плати цената, а не ја платил, добива негативна референца и истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната ствар, истакна премиерот Груевски.
 
Со новите измени се предвидува и методологијата на движење на цената при овие постапки, а за да се привлечат поголем број заинтересирани купувачи и да се овозможи поголема конкурентност со измените и дополнувањата се воведува нов концепт во однос на начинот на утврдување на почетната цена на стварите.
 
- Државниот орган треба да обезбеди проценка за вредноста на истата од страна на овластен проценител, кој што во својот извештај за проценката ќе ја определи почетната цена за првата продажба на стварта, која ќе претставува проценетата вредност намалена за 30 проценти. Тоа е разликата помеѓу проценета пазарна цена и почетна цена за јавно електронско наддавање, појасни македонскиот премиер.

Доколку од причини точно определени во законот, првото јавно наддавање биде неуспешно, се утврдува обврска за државниот орган кој ја врши продажбата, проценката заедно со извештајот за неуспешното јавно наддавње да го врати кај проценителот, кој е должен повторно да ги испита пазарните услови за конкретната ствар, така што во корегираната проценка на овластениот проценител, почетната вредност на стварта за второто јавно наддавање може да биде намалена до 50 отсто од почетната цена што била определена за првото јавно наддавање, а во случај на натамошни неуспешни јавни наддавања, почетната вредност на стварта може да се намалува до 70 проценти при трето јавно наддавање, па се до 90 проценти при четврто јавно наддавање.

Измените на Законот за јавни набавки треба да почне да се применува од 1 мај 2014, а Законот за користење и располагање со стварите на државните органи од 1 јануари 2014 година.

МИА

06.09.2013 - 16:13

најчитано сега