Заев-Рама: Македонија и Албанија решени идната година да ги започнат преговорите за членство во ЕУ

Република Македонија и Република Албанија очекуваат наредната 2018 година да ги започнат преговорите за зачленување во Европската унија, да го искористат моментот на позитивна клима во регионот за напредок во тој процес. Тоа беше главната порака што ја испратија премиерите Зоран Заев и Еди Рама од Поградец каде денеска се одржа првата заедничка седница на Владите на двете држави.

- Со перспективите што ги отвараме за унапредување на меѓусебната поврзаност и инфраструктурата, за олеснување на размената на стоки и услуги, како и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста одиме уште еден чекор понапред во процесите кон подобра европска иднина, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција.

Заев рече дека владите на двете држави работат искрено, отчетно и транспарентно за подобрување на животот на граѓаните на двете земји и за безбедна просперитетна иднина во евроатлантското семејство.

- Европските и НАТО интеграции не се само политичка определба туку и економска потреба за граѓаните на нашите две држави... Денеска беа потпишани многу значајни договори, меморандуми, заокружена уште една соработка во полето на безбедноста, во областа на меѓународната соработка, културата, образованието и во полето на владината соработка преку заедничката Декларација што ја потпишавме, истакна македонскиот премиер.

Заев и Рама ги поздравија заедничките заложби на владите на двете држави за развој на инфраструктурата во рамки на Коридорот 8, за можностите за подобро енергетско, автопатско и железничко поврзување во полза на економиите на двете земји, потоа еднопасошка контрола на граничниот премин „Ќафасан“, можностите за реализација на проектот за автопатско поврзување на Македонија и Албанија кај Дебар...

- Проектот за изградба на пругата од Кичево до Лин дефинитивно ќе значи железничко поврзување на Македонија до Драч, до пристаништето на Јадранското Море што ќе биде од особена важност за бизнис-заедницата и можност за економски раст и развој,рече меѓу другото премиерот Заев.

Албанскиот премиер Рама рече дека оваа седница е потврда на издигнувањето на повисоко ниво на соработката меѓу двете држави, во интерес на двата народи.

- Постои целосна билатерална усогласеност во насока на создавање регионална зона со поефикасно поврзување меѓу двете држави...Проектите како далноводот меѓу двете земји, оној за железничко поврзување, еднопасошка контрола на границите влеваат оптимизам дека ќе придонесат за унапредување на протокот на луѓе и капитал, привлекување инвестиции, истакна Рама.

Што се однесува на активностите на македонската Влада за донесување на Законот за унапредување на употребата на јазиците во Република Македонија, албанскиот премиер Рама ја поздрави храброста на премиерот Заев во спроведувањето на, како што рече, „неговата предизборна агенда за иницирање на усвојување на Законот за употреба на јазиците во Собранието и за одржување на едно големо ветување“, со оценка дека тоа силно ќе ги зајакне темелите на современа Македонија.

Претседателите на владите на Македонија и на Албанија утре е предвидено да ги посетат Македонците кои живеат во Мала Преспа и Пустец.

- Се радувам што утре ќе ја посетиме и македонската заедница што живее во Општина Пустец, која можеби по број не е голема, но не е такво и нејзиното значење. Ние веруваме дека со односот кон нив ни се дава можност да ја покажеме нашата почит кон сите етнички заедници во Република Албанија, на тие луѓе и на сите други да им се даде можноста да се чувствуваат како слободни граѓани со еднакви права, рече Рама.

Меѓувладината седница одржана денеска во Поградец е прва работна средба од тој вид меѓу двете држави. Премиерот Заев најави дека таквата практика ќе продолжи и наредната година, со одржување заедничка владина седница во Охрид или Струга. 

 

 

 

15.12.2017 - 18:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега