Затворени гласачките места - заврши вториот круг од изборите

Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните можеа да гласаат на вториот круг од шестите локални избори во Република Македонија. По затворањето на избирачките места можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Вториот круг од локалните избори се спроведе во 35 општини, на 1.517 избирачки места, каде право на глас имаа 833.710 граѓани.

Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаа 260.194 граѓани, кои  гласаа на 387 избирачки места.

Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг право на глас имаа 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места. 

Во вториот круг учествуваа 70 кандидати за градоначалници.

Според последните податоци што ги објави ДИК, одѕивот до 17 часот на ниво на Македонија е 43,83 отсто.

Министерството  за внатрешни работи информира дека на вториот круг од локалните избори нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.

ОИК резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот изборен материјал. 

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Вториот круг од Локалните избори во Македонија ги следеа 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари.

Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога беа избрани градоначалници на  Скопје и на 45 општини, како и членови на совети во Скопје и сите општини.

Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните беа во 1996, 2000, 2005, 2009 и 2013 година. 

 

 

 

29.10.2017 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега