Трајановски најави конкретни мерки против загадувањето: 500 илјади метри квадратни нови зелени површини во Град Скопје

 

Кандидатот за градоначалник за Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски на денешната прес-конференција изјави дека неговата главна заложба ќе биде здравјето на граѓаните, додавајќи дека проектите во неговата програма се наменети за намалување на загадувањето на воздухот.

-Во изминатите четири години, или осум години интензивно работевме на подигањето на голем број зелени површини и засадување на дрва како една од мерките за заштита на животната средина и на амбиенталниот воздух во Градот Скопје. Тоа што го направивме во изминатите четири години, тоа се големи проекти. Еден од тие проекти е и овој парк, паркот во општина Аеродром на површина од 100 илјади метри квадратни заедно со општина Аеродром. Парковите „Македонија 1“, „Македонија 2“, „Македонија 3“. Паркот кој е покрај булеварот „Февруарски поход“. Парковите кои се покрај булеварите во Градот Скопје и во други места, посочи Трајановски.

 

Потенцира дека засадени се 256 илјади нови дрвца во изминатиот период.

-Нема да застанеме тука, ќе продолжиме понатаму. Во изборната кампања исто така, имаме како мерка против загадувањето и подобрувањето на амбиенталниот воздух е. Исто така, ќе имаме голем број проекти за нови површини и нови садници во Градот Скопје. Во изборната програма предвидено е подигнувањето на нов парк, овде од постолјот према ФФМ, исто така со површина од околу 100 илјади метри квардатни, нагласи Трајановски.

Истакна дека паркови се предвидуваат  и во другите општини. Според него, предвидена е целосна реконструкција на вториот дел од Градски парк во општина Карпош, по Александар Палас, покрај Вардар. Појаснува дека тоа е со големина од околу 400 илјади метри квадратни.

-Ќе се реконструира и ќе се обнови целокупното зеленило. Ќе се направи систем за наводнување, ќе се обноват патеките, ново улично осветлување, нова урбана опрема и чистење на езерцата во вториот дел на Градскиот парк. Исто така, имаме проект кој ќе значи обнова на зеленилото покрај реката Вардар и правење на џогинг патека, како и зелен појас покрај реката Серава, посочи Трајановски.

Потенцира дека во следните четири години предвидено е и засадување на околу 500 илјади метри квадратни нови зелени површини во Град Скопје.

-Тоа е само една од мерките за подобрување на животната средина и подобрување на амбиенталниот воздух во Градот Скопје. Понатаму ќе имате можност да слушнете и за другите мерки против загадувањето и животната средина во Градот Скопје, посочи Трајановски.

 

 

 

25.09.2017 - 13:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега