Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори претставени во Велес и Делчево
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Велес на конвенција ги претстави кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев и листата на советници. Чадиев се заблагодари за довербата за кандидирање за уште еден мандат на претстојните локални избори.
- Големо задоволство е да се биде кандидат за градоначалник на Велес, градот во кој сум роден и во кој го поминав целиот свој работен век, основав семејство и професионална кариера, градот во кој имам многу другари и пријатели. Голема е честа да се добие можноста за втор мандат, истакна Чадиев.
Осврнувајќи се на сработеното, рече дека реализирал над 270 проекти.
- Ја изградивме Индустриската зона Караслари, отворивме нови фабрики, ја изградивме инфраструктурата, вложивме многу во образованието, во спортот, културата, го отворивме новиот театар. Сето тоа е доказ дека неуморно работиме за подобрување на животот на граѓаните, потенцира Чадиев.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ има нова програма, за подобар живот.
- Во изминатата програма имавме 117 проекти од кои реализиравме 87 проценти, а во новата имаме 148 со кои ќе придонесеме за поголем економски и општествен развој. Ќе продолжиме со економски развој на индустриските зони Мамутчево и Речани два, ќе изградиме затворен градски пазар, пешачки мост со кој ќе ја поврземе населбата Речани со центарот на Велес, ќе ја одделиме атмосферската од фекалната канализација, ќе изградиме и прочистителна станица за отпадни води,..., најави Чадиев.
И актуелниот претседател на Совет на Општина Велес и носител на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ Александар Колев се заблагодари за укажаната доверба.
- За мене тоа е голема гордост и благодарност, но и голема обврска која ветувам дека нема да ја изневерам, истакна Колев.
Исто така, на партиска конвенција синоќа во Делчево ВМРО - ДПМНЕ и коалициските партнери ги претставија кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници за претстојните локални избори. Пред присутните се обрати носителот на листата Сашко Ивановски, актуелен директор на ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево, кој порача дека претстојните избори се референдум за Македонија.
- Фалангата на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата под полна пареа, освежена, максимално мобилизирана, засилена, охрабрена и со ваша силна поддршка, гази, меле, дроби се пред себе и оди во една сигурна победа. Горди мои делчевчани, ве повикувам заедно обединети на овие избори да ни бидете ветар во грб, сила логистика насочувач и коректор. Сите ние сме си потребни еден на друг, бидејќи ова не се само локални избори, бираме дали ќе постоиме, ова е безмалку референдум за тоа дали ќе постоиме, избори на кои бираме унитарност, бираме двојазичност. Од утре натаму не смееме да дозволиме да не исплашат заплашат да не покупат, да не скршат да не поделат, рече Ивановски.
Кандидатот за градоначалник Иван Соколов ја споедели неговата визија за, како што рече, европско Делчево и најави заедничко решавање на проблемите на граѓаните, земјоделците, иселувањето, инфраструктурата,..., како и професионална администрација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа