Ристовски: За оваа година планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновации

До 3 мај 2017 трае повикот на Фондот за иновации и технолошки развој за поддршка на заинтересираните стартап претпријатија кои може да аплицираат за грантови до 30.000 евра за да развијат иновативно решение со глобална перспектива.  

Успешен корисник на таков грант е компанијата „Вејпр апликации“ ДООЕЛ. Постои околу две и пол години и била формирана со намера да развие софтверски производ за средни компании, кој значително им ја олеснува  ИТ-администрацијата и интеграцијата на нивните основни ИТ-системи. 

- Софтверот го решава проблемот на приватен клауд, односно за брзо време можеме да подигнеме готови, интегрирани апликации кои им се потребни на речиси сите средни компании. Софтверот е отворен и ние наплаќаме од одржување, поддршка и кастомизација. Голем бенефит за компанијата беше што го добивме кофинансирањето од страна на Фондот за иновации, затоа што ни помогна да го довршиме развојот на нашиот софтвер  и да можеме поактивно да го нудиме и да го продаваме, изјави Љупчо Вангелски, управител на „Вејпр апликации“ која денеска ја посетија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорката на Фондот, Јасмина Поповска. 

Вангелски истакна дека денес е многу тешко без финансиска поткрепа да се развие компетитивен производ кој ќе се продава и на странски пазари. Но нивната идеја успешно се реализира, па веќе имаат соработка со странски инвеститор кој им отвора можност за директна продажба во Холандија, Германија и во Белгија. - Така што, наша следна цел е да излеземе надвор и да продаваме во странство, рече Вангелски. 

 

Поповска ги повика стартап-компаниите кои се заинтересирани да аплицираат на повикот да го следат примерот на „Вејпр“. Таа соопшти дека покрај стартапите, со овој повик предвидена е и поддршка за десет микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да направат комерцијализација и иновација, кои веќе имаат некаков прототип и со поддршка на Фондот сакаат да настапат на пазарот.

- За овој тип поддршка предвидени се 100.000 евра по проект и тука очекуваме дека десет компании ќе бидат поддржани. Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Затоа им даваме техничка помош, консултантски и менторски услуги за да им олесниме подобро да опстанат и по завршување на поддршката од Фондот, рече директорката на Фондот.

Ристовски информираше дека преку Фондот и Владата во изминатиот период се распределени 1,5 милиони евра директна поддршка за иновациите во Македонија.

- Со зголемен интензитет продолжуваме и оваа година - за која се планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновации. Во моментов е актуелен четвртиот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој за кој на располагање се 1,45 милиони евра директна поддршка за развојот на иновациите во Република Македонија. Ова е доказ дека Владата, МОН и Фондот се исклучително посветени на развојот на иновациите, не само на целокупниот бизнис-сектор. Само на овој начин може да се биде конкурентен на домашен, но и на меѓународен план, истакна Ристовски при посетата на стартап-претпријатеието корисник на грант од Фондот. 

 

 

 

21.02.2017 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега