Честитка од Иванов по повод Божик:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник Раѓањето Христово - Божик.

- Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви го честитам големиот христијански празник - Божик. Во деновите кои следат ќе го славиме животот, семејството и новите почетоци. Ова е период од годината кога во духот на Евангелието треба да пронајдеме сили и да ги надвладееме суетите и искушенијата, простувајќи си едни на други, се вели во честитката од Иванов по повод Божик.

Верувам, се додава, дека Македонската православна црква како најголема христијанска заедница во Република Македонија и во иднина ќе ја исполнува својата улога во нашето општество, ширејќи ја пораката за простување, помирување и за сплотување. Ако сакаме да градиме општество на почитување и на достоинство треба да научиме да подадеме рака и да го отвориме срцето со искреност и доверба едни кон други.

- Ваше Блаженство, од првиот ден на Божик, нашиот заеднички пат да биде вербата во Бога, почитувајќи ја и препознавајќи ја искреноста и доброљубието во нас. Честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите граѓани кои го прославуваат празникот им порачувам со отворено срце да ја прославиме радосната вест за раѓањето на Господ Исус Христос. За многу години празникот, се нагласува во честитката од Иванов до поглаварот на МПЦ ОА и православните верници во Македонија.

 
 
06.01.2017 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега