Дојран атрактивен за туристи годинава

Покрај рекордното ниво на водата во езерото, Дојран годинава ги исполнува сите услови за рекордна туристичка сезона. Во последните дваесетина, па и повеќе години, никогаш Дојран не бил попосетен кон крајот на јуни како годинава, од причина што секогаш најфреквентен за туристите бил во август како месец резервиран за шпицот на туристичката сезона.

Силивија Ристиќ од Туристичкото биро во Дојран денеска за МИА изјави дека моментно во приватниот сектор во Дојран се сместени околу 4.000 гости од кои поголемиот дел се од Србија.

– Капацитетот на леглата кои се регистрирани и категоризирани во приватниот сектор изнесува 12.000 што значи дека за сега ги задоволуваат барањата на гостите кои се многу побројни во деновите од викендот. Денеска и утре на пример на дојранското крајбрежје ќе има од 8 до 10 илјади гости кои со автомобили и автобуси се слеваат кон Дојран најмногу од југоисточниот и источниот регион на Македонија, рече Ристиќ.

Годинава Дојран е град на културата поради што градоначалникот Борче Стамов смета дека голем број гости ќе привлечат многуте културни, уметнички и забавни настани.

– Во рамки на манифестацијата „Дојран, град на културата“ предвидена е богата културно-забавна програма со околу стотина различни настани меѓу кои концерти на домашни и странски ѕвезди, театарски претстави, изложби, ликовни колонии и фестивали кои исто така ќе бидат магнет за зголемена посетеност на Дојран, рече Стамов.

Дојранчани годинава очекуваат да го надминат ланскиот рекорд кога беа реализирани преку 200.000 ноќевања во текот на летната сезона.

 
 
25.06.2016 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега