Курир: Кривична пријава против Фросина Ременски за неизвршување на судска одлука, се соочува со можност за казна затвор

Курир дознава дека денес е поднесена нова кривична пријава против техничката министерка Фросина Ременски заради неизвршување на судска одлука и кршење на повеќе закони и и кршење на Уставот на Република Македонија. Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, денес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, за кривично дело неизвршување на судска одлука од член 377 став 4 в.в. став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Веќе десеттина дена техничката министерка ги игнорира односно не ги спроведува решенијата  на Управниот суд за времените мерки со кои што судот  ги стави вон сила овие незаконски разрешувања се до донесување на правосилна судска одлука по претходно поднесените тужби од дополнителниот заменик министер  за незаконско работење и прекршување на административните процедури.

Согласно решенијата за времена мерка, незаконските решенија донесени од Ременски  се ставаат во сила односно таа била обврзана веднаш да ги врати на работното место разрешените директори и да ги довери работните задачи на лицата кои ја извршуваа функцијата Директор пред донесувањето на Решенијата за разрешување на директори и именување на ВД директори.

Фросина Ременски ги обжалила овие решенија до Вишиот управен суд кој ги отфрлил жалбите и со тоа времените мерки станале правосилни.

Во кривичната пријава поднесена од страна на дополнителниот заменик министер, наведено е дека со непочитување на решенијата на Управниот суд Ременски постапила спротивно и на член 13, став 4 и 5 од Законот поради не почитување на правосилна судска одлука. Исто така со ова дејствие постапила и спротивно на член 5, 52 и 53 од Законот за управните спорови, согласно кој одлуките на судовите донесени во управните спорови се задолжителни и извршни.

Сторена е повреда и на член 50, став 2 од Уставот на Република Македонија, според која се гарантира судската заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Незаконското разрешување предизвика вистински хаос во функционирањето на Центрите за социјална работа и јавните установи како и во министерството.  Доцнат и не се реализираат ветени проекти, ненавремено се остваруваат правата од детска и социјалната заштита. Со еден збор  најзасегнати се  граѓаните.

Зачудува фактот техничката министерка со ноншалантност се однесува кон законите па дури се става и над законот и не извршува судска одлука иако неизвршување на судска одлука повлекува кривична одговорност.

Ваково однесување на политичар и функционер не се памети, ова е спротивно на сите норми и правила, спротивно на законите и Уставот на Република Македонија, ова е спротивно на принципите и погазување  вредностите за правна држава и владеење на правото, ова е директен обид по секоја цена да се партизи.

Согласно законот, казната за неизвршување на судска одлука повлекува и затворски казни до 10 години, доколку со вакво кривично дело се предизвика поголема штета.

 
 
27.02.2016 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега