Кај Каракачанов се израдуваа на апсењето на Темелко: „Малку му е на предавникот“
Додека приведувањето на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, за неговите соработници и сограѓани беше разочарување и како што рекоа, удар врз единствената општина надвор од земјава со признат градоначалник, за некои од бугарските пратеници беше повод за аплауз пишува Дневник.
Јулијан Ангелов од екстремно десната националистичка партија ВМРО-БНД на Kрасимир Kаракачанов јавно, преку социјалните мрежи, го изрази задоволството од обвинението против Темелко и начинот на кој тој беше донесен на информативен разговор пред истражен судија. Своето ликување го искажа со зборовите: „Малку му е на овој предавник“.
Во кусата комуникација со Ангелов, тој за Дневник образложува дека има повеќе приватни и политички причини поради кои го кажал своето мислење. Но, невообичаено за реториката на оваа бугарска партија кога е во прашање Македонија, пратеникот вели дека немал намера да ја навредува земјата и односите меѓу двата соседа.
– Kога станува збор за Темелко, многу долго ја следам неговата работа. Тој најгрубо ги заплашува луѓето во својата општина кои се декларираат како Бугари. Таквите ги прогонува, им пречи во работата. На пример, во декември во Kорча се отвори Бугарско друштво и веќе 100 члена од овој регион станаа членови, а Темелко со сите сили сака да ги спречи да доаѓаат и да се зачленуваат, вели Ангелов за „Дневник“.
За сето ова, според Ангелов, постоеле наводни докази, односно полициско досие во Албанија за Темелко токму поради ваквите случувања. Бугарскиот пратеник тврди и дека ако малку подобро се анализирала работата на градоначалникот, веднаш ќе произлезела вистинската негова цел.
– Kаков градоначалник е тоа кога 90 проценти од времето го минува во Ресен? Тој едноставно не е поставен на позицијата за доброто на луѓето во Албанија и да го чува истото, туку само од лични комерцијални цели. И партијата што ја води МАЕИ повеќе е клуб за финансиски интереси отколку партија за заштита на Македонците. Тоа и самите луѓе ќе ви го потврдат, до пред некое време се плашеа да зборуваат против него, но сега ви тврдам дека не е така повеќе, додава Ангелов за Дневник.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа