Средба Попоски-Кундерс: Најважно е да имаме заедничко решение за мигрантската криза

 

Најзначајно во овој момент е да имаме заедничко решение, да ги координираме нашите напори и да задржиме пристап во кој сите ќе бидеме вклучени, е заклучокот од денешната средба на министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Кралството Холандија, Никола Попоски и Берт Кундерс, кој престојува во работна посета на земјава.

Според министерот Попоски, тоа е впрочем и македонски интерес, но, истакна, ќе биде многу значајно да соработуваме и со нашите соседи и сите оние кои ни даваат на билатерално или на европско ниво поддршка за справување со овој предизвик.

Попоски и Кундерс, кој е и претседавач со ЕУ, се согласиле дека од големo значење за Македонија е да не се изгуби од поглед важноста на кредибилни евроинтеграциски процеси.

- Поголем временски период сме во ситуација да не можеме да оствариме напредок како што има препорачано веќе одамна Еврoпската комисија и тоа сигурно не останува без последици, рече министерот Попоски на прес-конференцијата по средбата.

Шефот на дипломатија на Холандија, изрази благодарност до Македонија што ја исполни својата одговорност, како што рече, во смисла на регистрација на што е можно повеже бегалци, затоа што само транзитот не е решение.

- Одредени земји - членки ја поттикнуваат Македонија да ја затвори својата граница со Грција. Но, како што заедно заклучивме, многу е важно да продолжиме со европскиот процес на соработка по ова прашање. Многу е поважно да имаме делотворна контрола на границата отколку таа да се затвори, нагласи Кундерс и додаде оти во Европа се водат дискусии за ова прашање.

Холандија како претседавач со ЕУ, потенцира Кундерс, смета дека е многу важно да се зборува со Австрија, Грција и Македонија и да најдеме делотворно решение за мигрантската криза.

- Граничната контрола мора да биде во стандард со европските и светски обврски. Веруваме и затоа е важно да зборуваме заедно ЕУ и Македонија за давање заемна поддршка одлуките да се донесуваат на транспарентен координиран начин во еворпска рамка. Треба да се земат предвид сите последици, вклучително и последиците за Македонија, изјави шефот на холандската дипломатија и изрази надеж дека ќе пристигне и европската поддршка за Македонија.

Холандскиот министер Кундерс се уште верува, како што рече, дека е можно да се избегне домино ефект и не контролирана состојба.

За два дена слушнавме две различни работи, затворање на границата како план на Австрија и неколку други земји, а сега слушаме поинаков похуман пристап, каде е Македонија и кој пристап ќе го прифати, беше новинарското прашање на кое министерот Попоски одговори дека не се работи за различни пристапи.

Првата обврска која РМ ја има, истакна тој, е да воспостави целосна контрола и да спречи илегални премини, како што тоа се случуваше минатото лето од Грција. 

- Имаме обврска тоа да го направиме, делумно и затоа што сакаме д бидеме дел од ЕУ и Шенген зоната и мораме во оваа фаза да демонстрираме капацитет дека тоа можеме да го направиме кога треба. Македонија де факто во пракса докажа дека може да ја контролира својата граница и да спречи нелегални влезови. Тоа не се коси со можноста на легално обезбедени центри за регистрација, да обезбедиме прием на луѓе кои се потенцијални баратели на азил во ЕУ. Тие доаѓаат од ЕУ во Македонија и дел од нив се основани баратели на азил, појасни шефот на македонската дипломатија.

Вториот аспект, подвлече Попоски, е хуманиот пристап, кој во никој случај не може да се коси со безбедноста.

- Македонија нема никому да докажува колку е хумана земја и колку нејзиното население се грижи за луѓе кои се  тешка ситуација, бидејќи воедно е земја која има веројатно по глава на жител најмногу бегалци примено во минатите 25 години независност. Тоа и во овој случај го докажуваме бидејќи  без разлика на тоа што имаат поминато околу 800 илјади луѓе низ наша територија, што е  речиси половина од нашето население, ние сме обезбедиле хуман третман за тие луѓе, беше дециден Попоски.

Тој истакна дека Македонија во никој случај нема да преземе мерки кои ќе одат на штета и на безбедноста, ниту ќе преземе мерки кои ќе одат на штета на хуманоста. - Но, не треба да очекуваме дека Македонија само ќе го набљудува овој процес, рече Попоски. 

На новинарско прашање кој е ставот на ЕУ доколку Австрија и други држави ги затворат границите за мигрантите, Кундерс со одоговор дека оваа недела ќе има Самит на ЕУ на кој ќе се разговара како може да се избегнате еднострани одлуки.

- Живеам во земја која прими околу 60 илјади бегалци минатата година кои поднеле барање за азил и ние спроведуваме зајакната контрола на нашата граница, како што го прави тоа и Македонија, рече министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс, кој е во работна посета на Република Македонија. 

 
 
14.02.2016 - 11:09
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега