Земјоделците задоволни од можноста да ги легализираат своите сточарски објекти

Во пресрет на денешниот празник за македонските земјоделци стигна позитивна вест од Владата, на задоволство на земјоделците во Македонија. Имено, барањето на земјоделците за легализација на околу 40.000 сточарски објекти е прифатено.

-Очекуваме пратениците оваа измена на законот за легализација да стане реалност и до Нова година да почне постапката за легализација на сите сточарски објекти, изјави претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Ова е особено значајно за сите оние земјоделци кои што не успеаја да го легализираат земјоделското земјиште во градежно земјиште.

-Овој бенефит ќе го почувствуваат над 40.000 сточари од нашата држава. Ние во изминатиот период, кога станува збор за легализација успеавме да оствариме уште две вакви барања на земјоделците. Најпрво успеавме да се легализира сето она т.н. узурпирано земјиште, за оние земјоделци кои за време на транзицијата останаа без егзистенција. Тој процес е веќе при крај, порача Тантаров.

Ова земјиште останува да биде на државата, но со легализацијата, појасни тој земјоделците добија статус на корисници на тоа земјиште а своевремено ќе можат и да го купат.

-Имаше уште една легализација, станува збор за легализација на сите земјоделски трактори за кои се имаше изгубено било каква документација за регистрација на тие возила. Сега и овој закон е донесен и регистрацијата на тракторите оди добро, додава тој.

Тантаров во името на сите земјоделци му се заблагодари и честита на Владата и премиерот Никола Груевски за овие закони, кои беа ветени и сега се остваруваат.

 
 
08.12.2015 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега