Саздов: Граѓаните од дијаспората, на 24 април по четврти пат ќе имаат можност да покажат што мислат за СДСМ

На вчерашната 75-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија пратениците ги изгласаа пакет законите кои беа договорени во Пржино.

На оваа седница за збор се јави и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов кој како пратеник од дијаспората говореше за измените на Изборниот законик.

На почетокот од своето излагање, Саздов најпрво го поздрави договорот кои четирите политички партии го постигнаа за Изброниот законик и изрази благодарност за заложбите на ВМРО-ДПМНЕ гласањето во дијаспората да остане и за наредните избори односно граѓаните од дијаспората да го задржат правото да избираат и да бидат избрани.

„Гласањето на дијаспората се случи прв пат во 2011 година, повторно благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и нашите заложби дијаспората да има свои директни претставници во нашиот парламент. За жал, по три успешни спроведени изборни циклуси во дијаспората, два парламентарни и еден за претседател на Македонија, опозицијата го доведе ова право на гласање на дијаспората под знак прашање, партија која на сите овие изборни циклуси изгуби со огромна разлика“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов.

Пратеникот Саздов се осврна и на изјавата дадена од страна на Зоран Заев дека нема да му дозволи стартна предност на Никола Груевски на следните избори, алудирајќи на пратениците од дијаспората.

„Наместо СДСМ да признае дека пролемот е кај нив, да седнат, да размислат и да напишат програма за дијаспората, мерки и проекти со кои тие ќе го привлечат гласот на иселениците, тие бараат да им се суспендира односно одземе правото на глас, па со секакви изговори се трудеа да креираат слика дека нивното барање за укинување на овие мандати и правото на глас кај дијаспората не е затоа што тие постојано губат на избори, туку дека бараат изедначување на гласот во дијаспората со гласот на бирачите во Македонија“, посочи Саздов.  

Дополнително, Саздов пред пратениците образложи едно истражување во врска со изборот на пратеник од дијаспората во Романија, Франција и Хрватска. Тој истакна дека овие три земји членки на Европската Унија и НАТО имаат речиси идентичен сооднос на потребен број на гласови за избор на пратеник со соодносот на потребен број на гласови за избор на пратеник кај нас. Но за жал, како што рече тој, СДСМ не сака да ги слушне овие факти.

„Но барањето за цензус кое што го поставивте како услов, требаше да го проследите со останатите барања на нашите иселеници, на пример, барањето за повеќе избирачки места во дијаспората. Меѓу тоа, вие сте свесни дека тоа ќе значеше само поголем пораз на СДСМ во дијаспората“, констатираше Павле Саздов.

Тој исто така, во својот говор го спомена и избирачкиот список и истакна дека тој во дијаспората е најточен и најпрецизен бидејќи се добивал по пат на активна регистрација на гласачите.

„Имаше и СДСМ такво барање на почетокот од овие преговори,  меѓутоа за жал се откажаа од активна регистрација на гласачите во Република Македонија. Тоа нека кажат за чии интереси ја донесоа таа одлука“, рече пратеникот Саздов.

На крајот, Саздов истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ избрани од дијапоспората ја даваат поддршката за овој закон со кој се задржува правото на глас кај иселениците бидејки како што рече тој, тие ќе имаат можност по четврти пат да им покажат на СДСМ дека немаат поддршка кај нив, дека не се согласуваат со нивните политики и дека го ценат напорот на ВМРО-ДПМНЕ и нивните мерки и проекти за дијаспората.

 
 
10.11.2015 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега