Томе Батковски: Европската унија нема стратегија за бегалците

Европската Унија нема стратегија како да го реши прашањето со бегалската криза која добива се подраматични размери на нејзината територија. Универзитетскиот професор, Томе Батковски, од факултетот за безбедност во Скопје, во интервју за Прес24 оценува дека Унијата ја дочека кризата неподготве, а кризата станува сериозен испит за Унијата. Иако главниот товр е на Унијата, сепак транзитот низ Македонија и Србија може да им предизвика сериозни проблеми на овие држави, кои засега, според професорот по безбедност, добро се снаоѓаат

-Во случај на интензивирање на кризата со зголемени бранови бегалци, секако, пред Македонија и Србија ќе се постави многу потешка задача, што ќе бара продлабочена безбедносна проценка и, воедно, многу поголема реална помош од ЕУ.Во таа смисла, сметам дека Македонија и Србија би требало  многу поодлучно да се постават спрема ЕУ со конкретни барања за помош (материјална, финансиска, здравствена, хуманитарна, кадровска).Од своја страна, сметам, дека ЕУ во иднина би требало да изгради многу пофер (покоректен) однос спрема Македонија и Србија, вели Батковски во интервјуто за Прес24.

Тој смета дека сега тешко може да се одговори на прашањето дали бегласката криза ќе предзвика и демографски промени на Унијата, но таквата можност не може да се исклучи.

-Овде, на испит се, посебно разузнавачките служби на државите-членки на ЕУ, особено оние најмоќните, но и ЕУ, како целина, доколку сака да претставува сериозен фактор на меѓународната политичка и безбедносна сцена, вели во интервјуто професорот од факултетот за безбедност во Скопје.

-Причината за овој воен конфликт, сметам, дека се наоѓа во стратегиските цели на најмоќните светски држави за завладување со евроазискиот простор и неговите ресурси. Оттаму, не треба да се очекува брзо завршување на конфликтот. Најдобар доказ во таа смисла е тоа што се зголемуваат капацитетите на САД и Русија спрема завојуваната територија (на пример, САД, покрај воздушните сили, испраќа и специјални советници), вели за Прес24, проф. Д-р. Томе Батковски, професор на факултетот за безбедност во Скопје.

 

ПРЕС24: Европската Унија и земјите од Западен Балкан, по подолго време, успеаја да воспостават една рамка која треба да значи регулирање на транзитот на бегалците од Блискиот Исток. Колку “Јункеровиот план” како што се нарекува е реално остварлив на терен?

БАТКОВСКИ: ЕУ ја дочека бегалската криза сосема неподготвена. Можам да кажам дека таа неподготвеност се проектира на два нивоа: прво, на стратегиски план ЕУ, барем засега, нема никакво решение за бегалската криза, што може да се заклучи и од неодамнешната изјава на Ф.Могерини и второ, одделни држави на ЕУ преземаат или презедоа чекори што се спротивни на самиот дух на Унијата за укинување на границите и создавање слободен демократски простор, со самото тоа што подигнаа ѕидови на границите (Унгарија, на пример). Сметам дека оваа бегалска криза веќе е голем испит за ЕУ во поглед на подготвеноста, воопшто, да продолжи кон остварување на високопоставените цели на сите полиња.

ПРЕС24: Она што за многумина е потенцијална опасност е заклучокот од тој план дека земјите кои не се членки на Унијата на западно балканската рута треба да обезбедат капацитети за привремен престој на околу 50.000 лица. Македонија, како што изјави Претседателот Иванов има капацитет за само 2000 лица. Дали подолготраен застој на транзитот, или пак помал проток низ рутатат од наплив на влезот може да предизвика блокади на Македонија и Србија кои се централни држави од оваа рута?

БАТКОВСКИ: Бегалската криза, несомнено, претставува огромен товар за Македонија и Србија, што мораат да го носат без голема помош од ЕУ. Засега и двете држави, сметам, со оглед на нивните севкупни ресурси, сосема добро  излегуваат на крај со оваа криза. Во случај на интензивирање на кризата со зголемени бранови бегалци, секако, пред Македонија и Србија ќе се постави многу потешка задача, што ќе бара продлабочена безбедносна проценка и, воедно, многу поголема реална помош од ЕУ. Во таа смисла, сметам дека Македонија и Србија би требало  многу поодлучно да се постават спрема ЕУ со конкретни барања за помош (материјална, финансиска, здравствена, хуманитарна, кадровска). Од своја страна, сметам, дека ЕУ во иднина би требало да изгради многу пофер (покоректен) однос спрема Македонија и Србија.

ПРЕС24: Веројатно никој не може да предвиди до кога ќе трае оваа бегласка криза. Сите се надеваат дека зимата ќе ја успори, но она што веќе е нов проблем е бранот економски мигранти кои се повеќе се засилува од земји во кои нема воени конфликти?

БАТКОВСКИ: Економската миграција произлегува од реалните состојби и односи на меѓународен план. Движењето на граѓани од помалку развиените кон поразвиените држави е составен дел на историските процеси, односно претставува историска константа.На глобален план, пред се преку ООН, треба да продолжат напорите за помош на неразвиените држави и овозможување нивен побрз развој, што би ги релаксирало и вкупните состојби на политички, економски и безбедносен план. За жал, разликите помеѓу неразвиените и најразвиените држави во светот, не само што не се намалуваат, туку и се зголемуваат. Таквата состојба, секако, претставува сериозен извор и на безбедносна нестабилност во светот.

ПРЕС24: Многумина аналитичари во Европа сметаат дека оваа бегалска криза е смислено сценарио за демографска промена на сликата на Европа? 

БАТКОВСКИ: На ова прашање, засега, не би можело да се даде категоричен одговор. Но, факт е, дека доколку се интензивираат бегалските бранови, односно во Европа се доселат повеќе милиони бегалци од териториите во Азија што се зафатени со воениот конфликт, може да дојде до видно менување на нејзината демографска  карта. Токму (и) од ова прашање, меѓу другото, произлегува потребата за изградување на стратегиски пристап на ЕУ, што јас засега воопшто не го гледам низ досегашните активности на Унијата. Овде, на испит се, посебно разузнавачките служби на државите-членки на ЕУ, особено оние најмоќните, но и ЕУ, како целина, доколку сака да претставува сериозен фактор на меѓународната политичка и безбедносна сцена.

ПРЕС24: Дали Европската Унија се покажа како не моќна да изменаџира вакви ситуации, а НАТО исто така да превенира вакви кризи?

БАТКОВСКИ: Веќе одговорив на ова прашање. ЕУ нема стратегија по ова прашање. Се добива впечаток дека играта ја водат САД, а ЕУ како да има улога на статист. Инаку, самата бегалска криза е последица на воениот конфликт во Сирија и Ирак. Во Сирија, пак, САД имаат јасна цел за соборување на Асад и отворено ја подржуваат опозицијата, со што стратегиски би го зголемиле своето севкупно влијание во овој дел од светот. Во оваа смисла, секогаш треба да се има во вид дека хегемон на НАТО се САД.

ПРЕС24: Која е причината за оваа бегалска криза, Башар Ал Асад или ИСИЛ?

БАТКОВСКИ: Пред неколку дена заврши состанокот на високо ниво, што требаше да одговори на битните прашања за оваа криза и да понуди некое излезно решение. Државниот секретар на САД беше јасен кога истакна дека „се согласивме дека не се согласуваме“ (релација САД-Русија). Причината за овој воен конфликт, сметам, дека се наоѓа во стратегиските цели на најмоќните светски држави за завладување со евроазискиот простор и неговите ресурси. Оттаму, не треба да се очекува брзо завршување на конфликтот. Најдобар доказ во таа смисла е тоа што се зголемуваат капацитетите на САД и Русија спрема завојуваната територија (на пример, САД, покрај воздушните сили, испраќа и специјални советници).

ПРЕС24: Почетните интервенции на Русија во Сирија беа оценети како единстевна можност да се разбие терористичката идеја во овие делови на светот. Но, како одминува времето се поочигледно е дека тој конфликт ќе потрае подолго. Каде Вие го гледате излезот од ова аситуација?

БАТКОВСКИ: Вклучувањето на Русија во овој воен конфликт, сметам, дека има историски карактер. Имено, после Студената војна, ова е прв случај кога руските воени сили дејствуваат надвор од својата територија. Притоа, доаѓаат секојдневно во многу „жешка зона“ на приближување со воздухопловите на САД и Турција (членка на НАТО). Во Турција се наоѓа и големата воздухопловна база на НАТО, Инџирлик. Значи, можноста од инциденти е многу голема. Оттаму и САД и Русија имаат огромна одговорност за светската безбедност, а не само за безбедноста во овој дел на светот. Се добива впечаток како САД да се изненадени од одлучното воено дејствување на вооружените сили на Русија и отворената поддршка на Асад, па, засега, многу „лесно“ преминаа преку нејзините вооружени интервенции во Сирија.

ПРЕС24: Дали Сирија може да биде почеток на долгоочекуваното одмерување на силите на САД и Русија? Или пак ваква оценка би била претешка?

БАТКОВСКИ: Секако, ова е прво дејствително „тестирање“ на руските вооружени сили надвор од својата територија, при што, покрај воздухопловните напади, вршат и напади од воени бродови од Каспиското Море со крстаречки ракети, спрема цели на ИСИЛ во Сирија на оддалеченост од над 1.500 км. На ова воено жариште, фактички се случува извесно „одмерување“ на силите на САД и Русија, меѓусебно преиспитување, при што е потребна огромна самоконтрола кај двете страни. Засега, постои само техничка соработка меѓу нив,  насочена кон избегнување евентуални инцидентни,  што дава резултати.  Натамошните состојби ќе зависат од стратегиските политички одлуки на двете држави, што нивните воени структури ќе треба да ги реализираат.

ПРЕС24: Колкава е опасноста од ширењето на радикалниот ислам и идеологијата на ИСИЛ на Балканот?

БАТКОВСКИ: ИСИЛ претставува терористичка парадржава од сунитска провениенција, што е еден од генераторите на ширење исламистичка пропаганда и регрутирање нови исламистички терористи, меѓу другото и од државите на Западен Балкан, вклучително и Република Македонија. Од друга страна, дел од исламистичката армија на ИСИЛ преку разни канали се упатува спрема европските држави со цел изведување терористички акции. Во таа смисла, ИСИЛ секако претставува и фактор на ширење на радикалниот ислам и исламистички тероризам во насока на создавање светски калифат. Овие два процеси би требало темелно да бидат проследувани, проценувани и попречувани од безбедносно-разузнавачките служби на балканските држави, за што е потребна и нивна постојана и сестрана соработка.

ПРЕС24: Дали во Македонија постои опасност етничката раличност да се трансформира во ненаков вид на верски закани за конфликти, ако се има предвид доминантната верска определна на двете најголеми етнички заедници?

БАТКОВСКИ: Сметам дека на Балканот, вклучително и во Република Македонија, не постои опасност од воен конфликт. Имено, оваа територија е под целосна контрола на НАТО, така што, реално, не постои било каков субјект, државен или недржавен, што има моќ самостојно да предизвика воен конфликт наспроти воените ефективи и воената моќ на НАТО. Република Македонија иако не е полноправна членка на НАТО целосно е вклучена во неговите активности и е активен и успешен учесник во повеќе негови мисии во странство.

 

Од друга страна, секако, постојат помали или поголеми етнички и верски судири или недоразбирања што можат да добијат и политичка боја, но тоа би се решавало преку механизмите на „меката“ безбедност.   

 
 
07.11.2015 - 13:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега